САД излегуваат од тежок период и состојбата со пандемијата се подобрува, изјави Џефри Зинк, координатор на работната група на Белата куќа за борба против коронавирусот.

Зинк за „Си-ен-ен“ изјави дека 58 проценти од луѓето над 18 години или 149 милиони лица примиле барем една доза на вакцина. Тој оцени дека има доволно вакцини за сите Американци, иако бројот на нововакцинирани паднал на 2,1 милион, што е за 40 проценти помалку од минатиот месец, објави „Гласот на Америка“.

Американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека се надева оти до 4 јули тој број на вакцинирани ќе биде 70 проценти.

Ревакцинирани се 112,6 милиони Американци. Околу 20 проценти, главно приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп, не сакаат да се вакцинираат.

Д-р Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот, изјави за „Еј-би-си“ дека вакцинацијата е поттикната од фактот дека постапката е едноставна – вакцината може да се добие без закажан термин, на пунктови во аптеките.

Тој забележува дека вакцинацијата треба да ја промовираат оние на кои луѓето им веруваат, како што се матичните лекари, верските водачи, спортистите.

Фаучи вели дека околу 43.000 нови случаи на зараза се регистрираат секој ден во САД и дека тоа мора да се намали.

Од почетокот на пандемијата, повеќе од 581.000 луѓе починале од Ковид-19 во Америка, а регистрирани се 32,7 милиони – повеќе отколку во која било друга земја, според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

makfax.com.mk