Американскиот претседател Џо Бајден побара од сите сојузни држави на САД до 1 мај да овозможат сите возрасни граѓани да примат вакцина против Ковид-19, што е значително порано од претходно планираното.

Бајден вети дека населението ќе добие 100 милиони дози за време на неговите први 100 дена мандат, но сега тој истакна дека тоа може да се постигне до 60-от ден од мандатот.

Говорејќи на првата годишнина од општото затворање по повод пандемијата на коронавирусот, тој рече дека работи на забрзување на акцијата за имунизација со цел да се зголеми чувството за нормалност во земјата до Денот на независноста на 4 јули.

Тој ги предупреди Американците дека претстојат дополнителни болки и смртни случаи од вирусот, што досега однесе над 530.000 животи во САД, повеќе отколку во која било друга земја.

„ Ако не сме будни и ако се променат условите, тогаш можеби ќе треба повторно да воведеме ограничувања за да се вратиме на вистинскиот пат. Имаме толку многу напредок. Сега не е време да попуштиме“ рече Бајден во обраќањето од Белата куќа.

Републиканците го критикуваа Бајден за неговиот претпазлив пристап.

Белата куќа претходно соопшти дека Америка ќе има доволно вакцини за целото население до крајот на мај. Досега околу 10 проценти од Американците примиле две дози.

makfax.com.mk