Бахчели: „Изборниот резултат е успех на народот на Турција“

Претседателот на Партијата за национално движење (МХП), Девлет Бахчели, во обраќањето по предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција, истакна дека изборниот резултат претставува успех на народот, јавува Anadolu Agency (AA).

„Денеска е историски ден. Сведоци сме на успехот на народот и се восхитуваме на тоа", рече Бахчели, додавајќи дека е многу важно што претседателот е избран во првиот круг и што нема потреба да се оди во втор круг на изборите.

„Претседателските избори се завршени во првиот круг. Оние кои очекуваа криза, веројатно се изненадени", рече Бахчели.

Потсети дека граѓаните низ Турција слават победа на тукушто одржаните избори.

„Денеска со гордост ја славиме победата на Народниот сојуз", истакна лидерот на МХП, кој на изборите беше во сојуз со Партијата на правдата и развојот (АК Партија).

„Ќе го задржиме конструктивниот, позитивниот, компромисен став, до самиот крај", порача Бахчели.

Според неофицијалните и непотполни резултати од предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган е во предност со 52,93 отсто од освоените гласови, врз основа на 93,74 отсто од преброените гласови.

Претседателскиот кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Мухарем Инџе е втор со 30,62 отсто од освоените гласови, потоа следуваат кандидатите на Народната демократска партија (ХДП), Селахатин Демирташ со 7,9 отсто од гласовите и кандидатката на Партијата ИЈИ (IYI), Мерал Алсенер, со 7,46 отсто.

Сојузот на Партијата на правдата и развојот (АК Парти) и Партијата на национално движење (МХП), според досегашниот број на преброените гласови, освои 53,95 отсто од гласовите.

Сојузот на ЏХП, Партијата ИЈИ, партијата Саадет и Демократската партија (ДП), според досегашните резултати, освои 33,97 отсто од гласовите.

Во Турција денеска се одржани предвремени претседателски и парламентарни избори на кои гласачите бираа претседател на државата и нов состав на Големото народно собрание на Република Турција.

Извор: Анадолу

Поврзани

Најнови вести

Коментари