logo
logo
logo

Австрија го укинува полицискиот час и ги отвора рестораните

Vecer | 23.04.2021

Австрија го укинува полицискиот час и ги отвора рестораните


Австрија планира да ги ублажи епидемиолошките ограничувања на 19 мај, што вклучува отворање на рестораните, хотелите и театрите, првпат по повеќе од пет месеци.

Во февруари беше дозволено да се отворат продавниците и беше воведен ноќен полициски час, наместо целодневното ограничување на движењето.

Поради зголемениот број на заразени на истокот од земјата, Виена и соседните провинции воведоа затворање за Велигден, кое сè уште е на сила.

Австрија регистрира по над две илјади лица заразени со Ковид-19 дневно.

„Светлото на крајот од тунелот станува сѐ појасно“, рече канцеларот Себастијан Курц на прес-конференција.

Тој рече дека олеснувањето на мерките веројатно ќе го зголеми бројот на заразени, но додаде дека забрзувањето на вакцинацијата, особено на лицата над 65 години, значи дека бројот на хоспитализирани не мора да се зголеми.

Во исто време, владата преку соопштение објави дека ќе се укине полицискиот час, но останува на сила забраната за дружење со повеќе од четири возрасни лица од 22 часот навечер до 5 часот наутро.

Максимум 10 лица ќе можат да седат на маса на терасите во рестораните и кафулињата и четири лица во затворен простор, додека културните и другите настани ќе бидат ограничени на 3.000 луѓе надвор и 1.500 внатре.

Повторно ќе бидат дозволени спортските активности во затворено и на отворено.

Децата и младите ќе се вратат во училиштата на 17 мај.

„Би било најбезбедно да оставиме сè затворено засекогаш, но тоа не е од наш интерес“, потенцира Курц, додавајќи дека прашањата за образованието, работните места и психолошкото здравје на Австријците е, исто така, важно.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk