Австралиската држава Викторија денеска влегува во еднонеделна блокада поради Ковид-19, а близу седум милиони жители ќе мора да останат дома, освен за извршување на најважните работи, бидејќи властите се борат да запрат нов позаразен бран на зараза.

„Имаме работа со многу заразен вид на вирус, варијанта која е загрижувачка и се шири побрзо отколку што досега сме забележале“, им рече на новинарите во Мелбурн привремениот премиер на државата Викторија, Џејмс Мерлино, пренесува „Ројтерс“.

Мерлино рече дека во потрагата по контакти на заразените, тие идентификувале повеќе од 10.000 примарни и секундарни контакти што треба да се стават во карантин, да се тестираат и да се стават во самоизолација и додаде дека тој број продолжува да расте и да се менува.

На почетокот на неделава беа откриени нови случаи на зараза во Мелбурн, а денес тој број се искачи на 26, по 12 новооткриени, а бројот на локации изложени на вирусот се искачи на повеќе од 150.

По стапувањето во сила на строгите мерки, кои ќе траат до 3 јуни, на жителите на Викторија ќе им биде дозволено да ги напуштат своите домови само за примарна работа, здравствена заштита, купување намирници, вежбање или вакцинација против коронавирус.

Државите Западна Австралија и Тасманија денеска ги затворија своите граници за жителите на Викторија по истиот потег на Јужна Австралија претходниот ден, а Северната територија и државата Квинсленд ќе бараат од патниците да поминат задолжителен двонеделен хотелски карантин, додека Нов Јужен Велс, кој е најнаселената држава во Австралија која се граничи со Викторија, ги повика жителите да го одложат патувањето во Мелбурн.


makfax.com.mk