Австралиската влада денеска го подигна нивото на закана од тероризам од „можно“ на „веројатно“, наведувајќи ја загриженоста поради растечкото ширење на екстремни идеологии меѓу младите луѓе и тензиите во австралиското општество поради војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Ова е првпат нивото на закана да се подигне на средината на петстепениот систем за закана од тероризам во Австралија од ноември 2022 година, откако нивото беше „веројатно“ во претходните осум години, објави Ројтерс.
Австралискиот премиер Ентони Албанес, сепак, рече дека иако владините претставници мислат дека сегашната клима води кон зголемена закана од тероризам, тие немаат информации за какви било конкретни закани.
„Сакам да ги уверам Австралијците дека веројатно не значи дека е неизбежна и не значи дека има разузнавачки информации за непосредна закана или опасност“, им рече Албанес на новинарите.
Тој истакна дека владата го подигнала нивото на закана од тероризам врз основа на советите на австралиската безбедносна разузнавачка агенција АСИО.
„Советите што ги добивме е дека повеќе Австралијци прифаќаат поразновидна палета на екстремни идеологии и наша одговорност е да бидеме будни“, рече Албанес.
Според него, има глобален пораст на политички мотивираното насилство и екстремизам и владите ширум светот се загрижени поради радикализацијата на младите луѓе, радикализацијата на Интернет и појавата на нови идеологии.
Генералниот директор на ASIO, Мајк Бурџес, рече дека се повеќе Австралијци стануваат радикализирани и прифаќаат разновидни екстремни идеологии и дека се подготвени да користат насилство за да ги постигнат своите цели.
„Политички мотивираното насилство сега се придружува на шпионажата и странското мешање како наши главни безбедносни грижи. Овие фактори ја отежнуваат работата на АСИО. Заканите се сè потешко да се предвидат и идентификуваат“, рече Бергес.
Австралиските власти последен пат нападот го прогласија за терористички чин во април, кога 16-годишен тинејџер беше обвинет дека избодел бискуп од Сиднеј.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата