logo
logo
logo

Англија од следната недела отвора барови и ресторани, ќе се дозволат и домашни собиранки

Vecer | 10.05.2021

Англија од следната недела отвора барови и ресторани, ќе се дозволат и домашни собиранки

Англија, благодарение на поволните податоци за бројот на ново заразени и вакцинирани од 17 мај дополнително ќе ги олесни ограничувањата наметнати поради Ковид-19 и, меѓу другото, ќе овозможи собирање дома, објави вчера британската влада.

Таа земја е во фаза на укинување на мерките за затворање во согласност со планот од четири чекори објавен во февруари.

Во третата фаза од планот, како што е најавено, за прв пат по месеци, на граѓаните ќе им биде дозволено да се состануваат во затворено во групи до шест лица или две цели домаќинства.

На баровите и рестораните, исто така, за прв пат по неколку месеци, ќе им биде дозволено да услужуваат посетители во затворени простории според одредени правила. И спортските објекти ќе можат да започнат со активности од 17 мај.

Вакцинирани две третини од возрасните

Кабинетот на премиерот Борис Џонсон објави дека одлуката за преминување во третата фаза на олеснување на мерките е резултат на последните податоци за вакцинациите, смртните случаи, бројот на нови инфекции и хоспитализации, како и ризиците од нови мутации на вирусот.

„Податоците го покажуваат она што веќе го знаевме - нема да дозволиме вирусот да не победи“, рече Џонсон, според неговиот кабинет.

„Планот продолжува според планираното, нашата успешна програма за вакцинација продолжува, повеќе од две третини од возрасните во Велика Британија сега ја примија својата прва вакцина и сега можеме претпазливо да пристапиме кон отворање“.

Џонсонтреба да објави дополнителни детали на прес-конференција во понеделник.

Остатокот од Велика Британија со посебни планови

Полу-автономните власти на Шкотска, Велс и Северна Ирска имаат свои посебни временски планови за ублажување на ограничувањата наметнати од Ковид-19.

Во Обединетото Кралство досега починаа 127 000 луѓе од инфекција со Ковид-19, а земјата помина низ исклучително тежок втор бран кој го достигна својот врв кон крајот на јануари, но оттогаш бројот на нови инфекции и смртни случаи падна нагло.

Во Обединетото Кралство во неделата имало 1.770 нови инфекции и два смртни случаи, додека на врвот на вториот бран дневниот број на новоинфицирани надминал 80.000, а 1.300 луѓе починале на најлошиот ден.

Владата минатата недела потврди дека меѓународните патувања ќе бидат дозволени на 17 мај, но со строги ограничувања, освен за неколку земји.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk