logo
logo
logo

Страв, стратегија или добра политика: Во оваа земја никој не сакаше да се вакцинира, а денес се "грабаат" за вакцини - еве што се случило!

Vecer | 23.11.2021

Страв, стратегија или добра политика: Во оваа земја никој не сакаше да се вакцинира, а денес се "грабаат" за вакцини - еве што се случило!

Еден месец пред Олимпијадата во Јапонија, само неколку проценти од населението било целосно вакцинирани. Додека Европејците беа во длабок процес на вакцинација, Јапонците на своја сметка се пошегуваа дека "игла нема да видат до Божиќ". Но, само шест месеци подоцна сценариото не можеше да биде подобро, а земјата на изгрејсонцата собори рекорд по број на вакцинирани жители.

Јапонија не само што успеа да го надмине хаосот со новиот бран, туку и успеа да вакцинира поголем процент од своето населениое од било кое друго место на Земјата. Имено, околу 76 отсто од Јапонците досега се целосно вакцинирани!

Олимписките игри биле клучни. На почетокот на јули беа организирани големи протести против оддржувањето на Олимписките игри. Постоеше гнев и страв кај луѓето дека игрите ќе се претворат во настан на супер-ширење на вирусот.

Преплашени дека ваквиот голем настан може да биде откажан, власта конечно ги состави сите коцки. Ангажирана беше и армијата и почнувајќи од јули секој ден се даваа по милиони дози вакцини.

Но, изненадување не беше само логистичкиот пресврт туку и фактот колку Јапонците беа подготвени да примат вакцина. Кај возрасната група над 80 години вакцина примиле речиси 95 отсто од нив.

Страв и неодлучност

Јапонија има долга историја на двоумење кога станува збор за вакцини. Во јануари анкетата покажала дека огромно мнозинство било скептично за новоразвиените вакцини против Ковид-19.

Клучното прашање е што навистина се случи во меѓувреме?

Некои експерти веруваат дека хаосот всушност помогнал.

-На почетокот имаше реален недостиг на достапни вакцини, рече професорот Кенџи Шибуја кој е воедно и директор на Фондацијата за политички истражувања во Токио.

-Ова доведе до еден вид на менталитет во кој луѓето се плашеа дека нема да има вакцини – особено постарите лица, вели тој.

Професорот Кенџи и смета дека стравот предизвикал исклучително висока стапка на прифаќање, особено кај постарите лица. Тие виделе како умираат стари луѓе во други земји и побрзале да се вакцинираат час поскоро.

Бавниот почеток на вакцинацијата пак, значел дека помладите сакале да почекаат и да видат како стотици милиони луѓе во други земји добиваат вакцини, без драматични несакани ефекти. Сето ова ги убедило дека вакцините се безбедни.

Другата клучна разлика со Америка и Европа е што во Јапонија вакцините не станаа политички поени.

-Тука немаме никаква политизација. Тоа не се гледа низ призмата на слободата или правата на поединецот, додава Кенџи за BBC.

Како што се зголемувала стапката на вакцинација, земјата била сведок на драстичен пад на новоинфицирани лица и смрртни случаи од Ковид-19. Јапонија на 20 август забележа речиси 20 илјади нови инфекции – што е рекорд од почетокот на пандемијата.

Но, месеци подоцна, на 15 ноември Јапонија пријави само 150 новозаразени за 24 часа. Бројката на смртни случаи исто така е значително намалена, а некои денови и воопшто нема пријави за починати. Вакцините беа исклучително важни во овој процес – но тие не се единствениот фактор.

Дури и пред да станат достапни вакцините, стапката на смртност од Ковид во Јапонија беше драматично пониска од онаа во САД и Европа.

Стапката на смртност од Ковид во Америка е 233,8 смртни случаи на 100 илјади луѓе. Во Јапонија пак е само 14,52.

Причината лежи во дебелината

Професорот и социолог на Институтот Future Welfare во Токио, Тестуо Фукава вели дека тоа што го видел во Јапонија е навистина неверојатно.

Според него ниската стапка на смртност од Ковид, долгиот животен век и ниската стапка на дебелина се тесно поврзани фактори.

-Јапонците имаат многу долг живот. Никој не може да објасни зошто е тоа така. Само 36 отсто од Јапонците се класифицирани како дебели, што е најнизок процент во светот, вели тој.

Професорот Фукава и додава дека ги споредувал стапката на смртност од Ковид, дебелината и животниот век во девет држави ширум светот. Резултатот е дека земјите кои имаат ниска стапка на дебелина имаат и пониска стапка на смртност од Ковид-19.

Ова не е изнедување за лекарите од американските болници кои се почесто се среќаваат со критични состојби од Ковид кај дебелите пациенти. Сепак, професорот Кенџи вели дека ова не е единствениот клучен фактор зошто Јапонија е се подалеку од нов бран коронавирус.

-Дебелината е фактор на ризик. Но, на ниво на население тоа не е најважниот фактор, вели тој.

Дисциплина и само дисциплина

Според него стапката на смртност во Јапонија не е добра, но државата успеала да го минимизира бројот на случаи.

Тој и додава дека во Јапонија се уште се носат маски насекаде – па дури и во паркови и на плажа. Маски носат и возачите кои се сами во автомобилите.

Секако, тука се и средствата за дезинфекција. Ги има насекаде -по продавници, ресторани, јавни тоалети, железнички станици, а каде и да одите од вас се очекува дека ќе ги дезинфицирате рацете пред да допрете некого или нешто.

-Луѓето се однесуваат навистина одговорно, од носење маски, до дезинфекција па се до социјална дистанца, додава тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk