logo
logo
logo

Експертите предупредуваат на нова опасност: Во колку држави е регистриран "делта" сојот?

Vecer | 22.06.2021

Експертите предупредуваат на нова опасност: Во колку држави е регистриран "делта" сојот?

Корона-вирусот „делта“ зема замав низ светот. Досега оваа варијанта која првично е детектирана во Индија, се рашири низ 92 земји, потврдуваат од Светската здравствена организација.

Оттаму велат дека оваа мутација загрижува со оглед на брзината на пренесување, но и кај неа, вакцината во две дози штити од сериозна болест и смрт.

-Земајќи предвид дека немаме целосна вакцинација, оваа варијанта ќе продолжи да се шири. Имаме неодамнешна студија направена во Шкотска според која има зголемен ризик од хоспитализации, но ова е првично истражување на една земја кое треба дополнително да се истражува за целосно да се дојде до заклучок. Немаме индикации дека оваа варијанта ја зголемува смртноста, но истата се истражува додека се шири низ светот. Во однос на ефикасноста на вакцините, знаеме дека вакцините се ефикасни кон сите варијанти, вклучувајќи ја и „делта“ варијантата, кога говориме за сериозна болест или смртен исход. Ова е добар знак,вели Марија Ван Керхов - СЗО.

„Делта“ сојот на коронавирус му се заканува на светот, сметаат експертите

Осум милиони жители на кинескиот град Донггуан вчера направиле тест за Ковид-19, откако викендов биле регистрирани два случаи на заразени со „делта“ сојот на коронавирус.

„Делтата“ варијанта на коронавирус е загрижувачка поради значително поголема преносливост, недостатокот на податоци за неговото влијание врз ефективноста на вакцините и мешавината на сосема различни симптоми што ги манифестира“, предупреди д-р Соумја Сваминатан, водечки експерт на Светската здравствена организација .

Поради индискиот сој на коронавирус, властите во Португалија, Италија и Израел веднаш реагираа.

Соочена со драматичен скок на бројот на заразени од индискиот сој во сите 18 општини во Лисабон (1.350 случаи во еден ден, или најголем број од февруари), португалската влада воведе радикална мерка за затворање на главниот град од петокот во 15 часот до вчера во 6 часот наутро.

„Владата одлучи ситуацијата со индискиот сој во град како што е во Лисабон, да не се прошири низ целата земја“, рече португалската министерка Маријана Силва Виеира.

Различното темпо на ширење на „делта“ вирусот низ Европа во моментов е малку мистерија, смета Џеф Барет, директор на институтот Велкам Сангер во Кембриџ.

Најновите вести за проширувањето на индискиот сој на коронавирус паралелно со приливот на странски туристи ја принудија владата во Рим да преземе итни мерки на претпазливост. Од вчера, Италија воведе петдневен карантин и задолжително тестирање на патници од Велика Британија, пренесоа агенциите. Покрај тоа, петдневниот карантин во Италија овој пат важи и за сите вакцинирани (две дози) новодојденци од Британија.

Во меѓувреме, жаришта на „делта“ се регистрирани на југот на Франција (регионот Ланд), во уметничко училиште во близина на Стразбур, во јужните предградија на Париз, како и во Германија и Шпанија.

Голема непријатност поради индискиот сој на коронавирус која според податоците на СЗО најчесто ја напаѓа помладата популација, се шири пред претстојната летна сезона, сметаат експертите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk