По неколкудневни судири и немири на Израел и Хамас, израелската влада прогласи вонредна состојба во градот Лод, близу Тел Авив. Во Лод, израелските Арапи организираа насилни протести.

Тоа беше многу важен момент, бидејќи се случи во денови на тензиите меѓу Израелците и Палестинците.

За прв пат од 1966 година, израелската влада употреби итни мерки против арапската заедница.

Па, кои се израелските Арапи?

Можеби сте чуле дека Израел се нарекува еврејска држава, но таму живеат и не-Евреи.

Тие се арапско малцинство, кои се Палестинци по потекло и Израелци по државјанство.

Израел има нешто повеќе од девет милиони жители, а околу една петтина – 1,9 милиони луѓе – се израелски Арапи.

Станува збор за Палестинци кои останале во границите на државата Израел по нејзиното создавање во 1948 година, додека до 750.000 од нив или избегале или биле протерани од своите домови за време на војната.

Оние што заминале се населени по границите на Израел на Западниот брег и Газа и во бегалските кампови низ целиот регион. Преостанатото население во Израел се нарекуваат Израелски Арапи, Израелски Палестинци или само Палестинци.

Израелските Арапи се претежно муслимани, но како и во останатото палестинско општество, христијаните се втора група по големина.

Од првите избори во Израел на 25 јануари 1949 година, тие имаат право на глас – но тврдат дека со децении биле жртви на системска дискриминација.

Интеграција

За време на пандемијата, еврејските и арапските лекари се здружија во борбата против Ковид-19

Арапските и еврејските заедници во Израел честопати не делат ист јавен простор, иако еден од позитивните несакани ефекти на кризата во последните месеци е тесната соработка. Една од областите каде што има интеграција е во националниот здравствен систем. Еврејските и арапските пациенти делат исти болници.

Околу 20 проценти од лекарите, 25 проценти од медицинските сестри и 50 проценти од фармацевтите се израелски Арапи.

Но, тешко е да се воспостави заеднички национален идентитет што ги обединува израелските Арапи и Евреи.

На пример, војската игра централна улога во израелското општество, воената служба е задолжителна за Евреите, а Арапите се ослободени од воена служба.

Дискриминација

Израелските Арапи тврдат дека се жртви на системска дискриминација во нивната земја, а тој став е поддржан од повеќе меѓународни организации за човекови права.

Амнести Интернешнл тврди дека Израел спроведува институционална дискриминација против Палестинците кои живеат во Израел.  Во извештајот на Хјуман рајтс воч, објавен во април 2021 година, се вели дека израелските власти спроведуваат апартхејд – злосторство против човештвото – и против Палестинците во Израел и против Палестинците кои живеат под окупација на Западниот брег и Газа.

Израелското Министерство за надворешни работи го отфрли извештајот како „апсурден и лажен“.

Арапите тврдат дека израелската влада со години конфискува земјиште во нивна сопственост и ги обвинуваат властите за систематска дискриминација кон нив преку буџетски ставки.

Законите што важат за двете заедници се исто така различни.

„Граѓани од втор ред“

На пример, израелските закони што го регулираат правото на државјанство ги фаворизираат Евреите, кои можат автоматски да добијат израелски пасош, без оглед од каде потекнуваат.

На протераните Палестинци и нивните деца им е ускратено тоа право.

Во 2018 година, израелскиот парламент донесе контроверзен „закон за национална држава“ со кој се укина статусот на арапски јазик како службен јазик, што го имаше заедно со хебрејскиот – и го прогласи правото на национално самоопределување „единствено за еврејскиот народ“.

Ајман Одех, арапскиот израелски пратеник, рече дека тие секогаш ќе бидат „граѓани од втор ред“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги обезбеди граѓанските права, но рече дека „мнозинството одлучува“.