Израелските борбени авиони рано утрово повторно ја нападнаа Газа, а Хамас возврати со ракети кон Израел во петтата ноќ од конфликтот, додека американските и арапските дипломати се обидуваат да најдат начини за прекин на насилството.

Израелското Министерство за надворешни работи на Твитер објави дека во областа на појасот Газа во изминатите неколку дена паднале 350 ракети на Хамас, при што загинале палестински цивили, вклучително и деца.

„Хамас убива и Израелци и Палестинци. Хамас мора да биде запрен“, објави израелското министерство преку твит.

Израелските власти велат дека Хамас истрелал околу 200 ракети во текот на ноќта. Погодени се станбени згради во градовите Ашдод и Бершеба, но нема жртви.

Денеска Палестинците го одбележуваат ал-Накба, односно „катастрофата“ на создавањето на државата Израел во 1948 година, кога стотици илјади Палестинци беа протерани од своите домови.

По вчерашниот ден полн со насилство, за време на кој 11 Палестинци беа убиени во судири со израелската армија, веројатноста за ново насилство се зголемува, јавува Би-би-си.

Израелската војска на Твитер објави дека во текот на ноќта го погодила влезот во тунел на Хамас сместен под хотелска плажа, каде што им се наоѓало оружјето.

„Хамас работи во цивилни области и користи невини цивили како жив штит. За Хамас, смртта на еден Израелец вреди повеќе од палестинскиот живот“, објавија тие на Твитер.

Војската објави дека од понеделникот се испукани 2.300 ракети, за што ги обвини милитантните групи Хамас и Исламски џихад.

„Ќе продолжиме да го браниме Израел“, соопшти војската.

Палестинското Министерство за здравство, кое го води припадник на Хамас, рече дека бројот на мртвите во Газа пораснал на 139.