logo
logo
logo

Oд победа над вирусот до хорор глетка: Зошто Индија денес го живее најцрното Ковид-сценарио?

Vecer | 27.04.2021

Oд победа над вирусот до хорор глетка: Зошто Индија денес го живее најцрното Ковид-сценарио?

Индија е на колена. Коронавирусот кој коси во главниот град во изминативе два месеци ги наполни болниците, ги испразни кислородните боци и ги остави граѓаните да умираат буквално на тротоарите. Починатите пак масовно се кремираат на паркинзите на болниците.

Црниот рекорд беше срушен во саботата, кога Индија забележа рекордни 340.000 заразени за 24 часа и дури 2.600 починати, со што вкупниот број на заразени премина 16,9 милиони, а на починатите 192.000.

Рамките на печките во крематориумите се топат од деноноќната употреба, а здравствените работници остануваат без енергија бидејќи се борат со голем прилив на пациенти и недостиг од кислород.

Но она кое е загрижувачки се предупредувањата на експертите кои велат дека најлошото допрва доаѓа. Вирусологот Шахид Џимел вели дека новите варијанти на коронавирусот покажуваат дека врвот на пандемијата се очекува за две недели и дека бројот на заразени лица веројатно ќе биде поголем од 500.000. Една студија на списанието Лансет предвидува дека секој ден до почетокот на јуни би можеле да умираат повеќе од 2.300 луѓе.

Но пред само три месеци ситуацијата во Индија беше поинаква. Во јануари премиерот Наренда Моди ја посочи Индија како пример за земја што успешно ја контролира коронакризата.

Впрочем, тогаш ваквите зборови ги потврдуваа и бројките. Во просек, дневно се бележаа околу 130 смртни случаи, што се чинеше малку за земја со скоро 1,4 милијарда жители.

Па оттука се поставува прашањето: Што се смени во Индија за само три месеци и зошто Индија денес го живее најлошото Ковид сценарио?

Според странските медиуми, постојат три причини - хиндуистичкиот фестивал Кумб Мела, на кој присуствуваа 3,5 милиони луѓе, десетици илјади луѓе на мечот Индија - Англија, а нешто помалку луѓе беа присутни и на неодамнешните предизборни митинзи во Западен Бенгал.

Впрочем, во тоа време Моди на Светскиот економски форум прогласи триумф на Индија над коронавирусот.

„Го победивме вирусот“, рече тој.

Ваквата негова изјава доведе до поблаги мерки, а беа затворени и привремените коронацентри.  Угостителските објекти и трговски центри пак се отворија а се одржаа и голем број свадби што минатата година беа одложени.

Никој не ги слушаше предупредувањата за можен нов бран

И покрај предупредувањата на здравствените експерти за можен нов бран и повеќе смртоносни соеви на коронавирусот, огромното мнозинство граѓани беа убедени дека вирусот е поразен и му се вратија на нормалниот живот.

А нормалниот живот, набргу потоа, со дозвола на индискиот премиер, го донесе и хинду-фестивалот Кумб Мела, како и „фестивалот на љубовта“ во главниот град на индиската држава Западен Бенгал, кој ја слави вечната и божествена љубов кон Радха и Кришна.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=Gm_4CD0zWB4&feature=emb_title[/embed]

Стадионите беа полни, натпреварите се играа во присуство на публика.

Не недостигаа ни предизборни активности. Четирите големи федерални држави во Индија продолжија со предизборните митинзи, а кризниот штаб на оваа земја не се состана ниту еднаш во февруари и март.

Критичарите со неверување гледаа во владата, која со своето лежерно однесување ја доведе земјата во пропаст.

Економистот Михир Шарма, критичар на Моди, смета дека колапсот се должи на несовесниот начин на однесување.

„Типично за Индија, официјалната ароганција, хипернационализмот, популизмот и бирократската неспособност создадоа криза“, рече Шарма.

Но, во средината на месец март владата на Индија доби шамар кој за многумина беше будење од зимскиот сон. Беше откриена нова варијанта на вирусот, „двојно мутиран сој“. Се покажа дека оваа варијанта е позаразна, посмртоносна и поотпорна на вакцините.

Па така, на 20 март, премиерот Нарендра Моди кој до неодамна прогласи победа на коронавирусот, излезе во јавноста и ги молеше граѓаните да останат во своите домови за да не мора владата повторно да воведува карантин.

Тогаш ситуацијата достигна критична точка и Индијците почнаа да ја молат Владата да стори нешто за да ги спаси нивните семејства и најблиските пријатели.

Тогаш Моди му нареди на Индискиот институт за серуми, најголемиот светски производител на вакцини, да престане да извезува и да се фокусира на дистрибуција на вакцините во Индија. До март беа произведени околу 130 милиони вакцини за извоз, а помалку од 1,5 процент од населението ги прими обете дози.

Сепак Институтот призна дека до јуни нема да може да го зголеми бројот на вакцини поради недостиг од финансии и ограничувањата на САД за извоз на суровини што се користат во производството на опрема за вакцини.

Една функционерка од Белата куќа изјави дека Соединетите Држави наскоро ќе им испратат дополнителна поддршка на Владата и на медицинските работници во Индија и посочи дека тие веќе ѝ обезбедиле на Индија здравствена помош од околу 1,6 милијарда долари.

Болниците немаат основна медицинска опрема, кревети и персонал. Во државните болници, на еден кревет доаѓаат двајца или дури тројца пациенти. Оние пациенти што не се во критична состојба се сместуваат во ходниците и им се дава кислород. Оние што немаат толку среќа чекаат во амбулантни возила пред болницата.

Некои државни болници почнаа да одбиваат да примаат пациенти, а во приватните болници доаѓаат луѓе со поблаги симптоми.

 

 

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk