Во италијанскиот град Камогли во близина на Џенова доживеале необична и малку ужасна ситуација. Одрон на крајбрежјето во понеделникот предизвикал пад на дел од гробиштата, а стотици мртовечки сандаци завршиле во Лигурското море.

Гробиштата во Камогли се основани пред 100 години на карпеста земја над морето. Градоначалникот на Камогли, Франческо Оливари, го нарече уривањето на дел од гробиштата „незамислива катастрофа“.

Се проценува дека околу 200 сандаци завршиле во морето, но досега биле собрани само десет. Според градоначалникот, пет од нив се идентификувани. Околу дваесетина луѓе се собрале пред локалното градско собрание за да дознаат повеќе за остатоците на нивните најблиски.

Спасувањето на преостанатите ковчези и човечки остатоци, според надлежните, ќе зависи од морето во наредните денови. Сепак, некои може да се наоѓаат под карпите. Италијанската противпожарна служба потврди дека никој не е повреден во свлечиштето, кое уништи две капели и предизвика пад на големи карпи.

Во саботата санацијата на брегот морала да се прекине откако работниците забележале пукнатина во карпата.

“Работевме на дел од карпестиот брег – тој беше близу до местото што падна денес. Имаше видливи траги од пукнатини. Одлучивме да ги затвориме гробиштата”, изјави Франческо Оливари за Си-Ен-Ен.

Градоначалникот ги повика службените лица од Канцеларијата за цивилна заштита да ја проценат ситуацијата. Тим геолози ќе користи беспилотни летала за да добие подобар преглед на штетата и да утврди дали постои ризик од натамошно свлечиште.

Обвинителството во Џенова започна истрага за причините за свлечиштето. Локалните власти велат дека карпите на гробиштата еродирале во последните неколку години, обилни дождови и силно морско невреме, информира Еуроњуз.

“Овој тип на колапс што се случи денес е многу тешко да се открие или предвиди. Оваа област е изложена на овој вид колапс, таа е многу кревка”, додаде градоначалникот.