logo
logo
logo

Тимошенко

„Мир со Путин Е ОБИЧНА ИЛУЗИЈА“

Vecer | 05.07.2022

„Мир со Путин Е ОБИЧНА ИЛУЗИЈА“

Надежите за мировен договор со Владимир Путин се „обични илузии“, изјави за британски Телеграф Јулија Тимошенко, лидер на Портокаловата револуција во Украина во 2004 година.

Тимошенко, која дојде на власт како премиер за време на првиот украински бунт против Кремљ, предупреди дека секој договор со кој ќе се отстапи дел од територијата на Украина на Владимир Путин само ќе го охрабри рускиот претседател дополнително да ја заземе земјата.

Единственото решение, според Тимошенко, е да се „заврши“ со целосно уништување на руската армија и покрај евидентното зголемување на бројот на загинати украински војници, пишува Телеграф.

Според британскиот весник, нејзините изјави се еден вид укор за западните лидери кои навестија дека откажувањето од делови од Донбас би било неопходен компромис за мир.

Франција и Германија се отворени за идејата дел од украинската територија да и се даде на Русија, и покрај острите коментари по самитот на Г7 кога францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „Русија не може и не смее да победи“.

Тимошенко стравува дека, како што расте економската цена на конфликтот за Европа, иницијативата да се турка Киев кон мировен договор ќе стане сè попопуларна.

„Изненадена сум што некои земји продолжуваат да се залагаат за политика на попуштање пред Путин. Ова е неприфатливо за цела Украина. Мировниот договор е илузија, единствениот излез е победата во битката. Секој мировен договор ќе биде прв чекор кон следната војна“, рече таа.

Тимошенко додаде дека, и покрај загубите, Путин сака да ја продолжи војната со надеж дека на крајот ќе се појават поделби во НАТО. Таа ги поддржа апелите на украинскиот лидер Володимир Зеленски за Западот да испрати што е можно повеќе проектили во Украина со цел донекаде да се балансира рамнотежата на силите во Донбас.

Украинските сили, наводно, губат и по 100 војници дневно во Донбас овие денови.

Политичката кариера на Јулија Тимошенко многу добро го опишува нестабилниот постсоветски пат на Украина, период поделен со внатрешни конфликти, како и интервенции на Москва, пишува Телеграф.

Во 2004 година, Тимошенко учествуваше во Портокаловата револуција, што доведе до масовни улични протести кои ги поништија изборите наместени во корист на прорускиот кандидат Виктор Јанукович.

Тимошенко тогаш ја нарекуваа  „Јованка Орлеанка“, а нејзините плетенки беа копирани на светските модни писти.

Сепак, Портокаловата револуција брзо се претвори во внатрешни судири, дозволувајќи му на Јанукович да ја преземе власта во 2010 година.

Тогаш Тимошенко беше осудена на седум години затвор под обвинение за злоупотреба на службената положба. Таа рече дека обвиненијата се политички мотивирани и дека е ослободена по вториот прозападен бунт во Украина во 2014 година, кога Јанукович побегна во Русија.

Тимошенко загуби од Зеленски на изборите во 2019 година, но го поддржа по руската инвазија во февруари.

Таа смета дека е многу веројатно Русија да се обиде да ги окупира другите соседни земји, пред се Молдавија, Белорусија, Грузија, Казахстан, како и скандинавските и балтичките земји.

„Мојот совет до тие земји би бил да не губат време и да почнат да градат силни вооружени сили и да станат членки на НАТО ако веќе не се“, рече таа.

Тимошенко исто така смета дека Путин е подготвен да употреби нуклеарно оружје.

Подготвен е да ги премине сите линии и да игра против сите правила, тоа е изворот на неговата сила“, рече Тимошенко.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk