Вардар 1961 го запиша петтиот пораз во низа во Лигата на шампиони. Ниту домашниот терен не беше доволен за да се реваншира на Пик Сегед, беше совладан со 27-30 во рамките на осмото коло во Лигата на шампиони.

Причини за поразот ги има многу, главната е слабото прво полувреме, во кое единствениот македонски претставник беше непрепознатлив. По оваа средба дефинитивно е време за промени, ако не се превземе нешто.

Тимур Дибиров и Анте Гаџа со по пет гола беа први стрелеци, четири погодоци имаше Талески, сите ги постигна во второто полувреме. Шостариќ со седум погодоци беше прво име кај Пик Сегед, Миклер мечот го заврши со 11 одбрани.

ОЧАЈНО ПРВО ПОЛУВРЕМЕ, ЕДЕН ГОЛ ВО 16. МИНУТИ

Македонскиот првак во најлошо издание оваа сезона кога станува збор за играта во првото полувреме. По погодокот на Стоилов за 1-0, следеше пад од 16. минути во нападот на Вардар 1961. На другата страна гостите поведоа со 1-8. Анте Гаџа беше херојот, намали на 2-8. По новите минус седум, Гаџа и Дибиров намалија на 5-9 во 22. минута, но гостите предводени од Миклер кој беше во форма ја вратија највисоката предност, на одморот беше 9-16.

ДОБРИ 13. МИНУТИ НА ВАРДАР, ТАЛЕСКИ ВНЕСЕ СВЕЖИНА, НО ПИК СЕГЕД НЕ ДОЗВОЛИ ПРЕСВРТ

Конечно нешто подобро од Вардар. Два зицери по ред промашија гостите, Гаџа, Дибиров и Кевин за 13-17 во 38. минута. Талески влезе во вториот дел и внесе свежина, конечно Вардар дојде на пристојна негатива од три гола (15-18) во 40. минута благодарение на двата погодоци во низа на македонскиот првак.

Со оглед дека на оваа средба, Борко Ристовски не се најде во составот, на местото на Томовски влезе Гогов. Вујовиќ се обиде со „седум на шест“, но ниту тоа не вроди плод, Пик Сегед во 48. минута дојде на плус шест (17-23).

Иако македонскиот првак не изгледаше лошо, сепак унгарскиот тим знаеше како да ја одржи позитивата. Вујовиќ одново го врати Томовски, како последен обид, но токму лошото прво полувреме на крајот беше пресудно за крајниот исход.

Во следното коло, Вардар 1961 му гостува на Кил, уште една тешка задача.

Фото: Денис Дуковски / РК Вардар1961

sportmedia.mk