ПРВА КОШАРКАРСКА ЛИГА

Во "Парк" полесно се дише

Со триумфот дома, против Фени Индустри, актуелниот шампион Струмица 2005 ја продолжува трката за одбрана на титулата

Кошаркарите на актуелниот шампион Струмица 2005 ја искористија предноста на домашен терен, во првиот финален натпревар пред своите гледачи, го совладаа Фени Индустри и ја продолжија надежта дека можат да го одбранат шампионскиот пехар. За разлика од мечот во Кавадарци, овојпат струмичани уште на самиот старт нагазија и практично сите дилеми на мечот во салата "Парк" беа решени во првите десет минути, кога направија позитива од 17 поени. Кавадарчани беа во подредена улога, постојано ја бркаа негативата, се обидуваа да ја продолжат резултатската неизвесност, но, со исклучок на Кол, немаа играчи за надигрување. Наспроти избраниците на Емил Рајковиќ, струмичани имаа дури 5 играчи со двоцифрен учинок и тука лежи тајната на успехот.

- Ако на стартот од финалната серија, во Кавадарци дозволивме во финишот да не стигне заморот, овојпат не ги повторивме грешките. Уште од самиот почеток заигравме агресивно, не му дозволивме на противникот да се наметне, загрози нашето убедливо водство. Бевме подеднакво добри во одбраната и нападот, имавме срце да одговориме на поставените задачи. Победата, пред се од психолошки аспект гледано, ни беше повеќе од потребна, вели тренерот на Струмица 2005 Миодраг Кадија.

Емил Рајковиќ го признава поразот на својот тим:
- Во раната фаза на натпреварот бевме доведени во дефанзивна улога, немавме многу простор, ниту пак играчи за надигрување и апсолутно заслужено сме поразени. Сигурно дека од овој натпревар ќе извлечеме доволна поука пред наредниот, дома, нагласува кормиларот на кавадарчани Рајковиќ.

Струмица 2005 - Фени Индустри 82:69 (2-1)

СТРУМИЦА.- Сала "Парк". Гледачи: 2.000. Судии: Мицевски, И. Митровски и Крстевски од Скопје.
Резултат по четвртини: 27:10, 15:17, 22:22, 18:20.
Струмица 2005: Богоев 20, Цветков, Соколов 2, Груиќ 2, Тасовски 13, Крстевски, Бошњак 16, Пуповиќ 12, Караманолев, Латовиќ 17, Заев.
Фени Индустри: Ангелов, Прековиќ 5, Баснарков, Манев, Кол 25, Радуловиќ, Поповиќ 6, Гоцевски 3, Ѓуров 7, Јововиќ 11, Михајловски 4, Самарџиев 8.

Поврзани

Најнови вести

Коментари