Замрзнаа платите на кошаркарите

Во КК Работнички не се знае кој пие, а кој плаќа

Дека тимот се соочува со големи проблеми говори и оставката на извршниот директор, Оливер Тоновски, кој моментно е во странство, па играчите не знаат од кого да ги бараат платите

Кошаркарите на најтрофејниот македонски клуб Работнички, најавуваат штрајк поради неисплатени две плати од страна на челниците на клубот. Иако во Првата македонска лига тимот од "Градски парк" бележи одлични резултати и по осум кола имаат седум победи, внатрешните проблеми, односно соцнењето на платите го наруши сјајот на тимот кој пред само неколку месеци славеше 70 години од формирањето.

Дека тимот се соочува со големи проблеми говори и оставката на извршниот директор, Оливер Тоновски, кој моментно е во странство, па играчите не знаат од кого да ги бараат платите. Тие најавуваат штрајк и одбиваат да тренираат се со цел да направат притисок до управата за да превземе соодветен чекор и да изнајде соодветно решение за настанатиот проблем. Од клубот си замина и одличниот канадски кошаркар Николас Вигинс, иако прикажуваше одлични партии.

"Вечер" го контактираше портпаролот на Општина Центар, која стопанисува со клубот со цел да ја информира јавноста за реалната состојба во најтрофејниот македонски клуб, а од таму одгворот беше да се јавиме во клубот. Неколку пати се обидовме да ги контактираме и челниците на Работнички, но таму не успеавме да добиеме некој што ќе ни каже каква е состојбата, особено сега кога клубот добро котира во македонското првенство.

Дури и претседателот на клубот Ристо Гапиќ нема конкретен одговор. Тој во изјава за "Македонски спорт" изјави дека многу работи ќе бидат појасни во наредниот период, односно кога клубот ќе одржи состанок со Управниот одбор.

Слушнав дека директорот Тоновски си поднел оставка на функцијата, но до мене нема стигнато никаква официјална потврда. Обврските се тие кои што се и сигурно е дека треба да се реализираат. Затоа ќе разговараме на седницата на Управниот одбор, на која очекувам да биде за кус период. Потоа ќе се знаат следните чекори, изјави Гапиќ.

Фото: Спортмедиа

Поврзани

Најнови вести

Коментари