Томас: Подобро да ме исвиркаат на подиум, отколку да ме сожалуваат

Носителот на жолтата маица Герајнт Томас од тимот Скај изјави дека не му пречи тоа што дел од публиката го исвиркала долж 13-та етапа.

Меѓутоа, британскиот велосипедист упати апел до гледачите да им овозможат безбеден премин на натпреварувачите.

- Ги чув свирежите уште на стартот, но ги игнорирав. Како што реков, ако негодувањето е вербално и не влијае на трката, тогаш е во ред, истакна Томас .

Тимот Скај воопшто не е популарен во Франција, а неговата доминација на Тур де Франс потсетува на периодот кога Ленс Амстронг владееше со трката.

- Подобро да сум на подиумот и да ме исвиркуваат, отколку да сум во автобусот и да ме сожалуваат, наведе Томас.

Во моментов Томас е прв на трката и има предност од минута и 39 секунди во однос на својот тимски колега и сонародник Крис Фрум. Токму Фрум, кој е четрикратен освојувач на Тур де Франс, е главна мета на француските навивачи, бидејќи само неколку дена пред стартот на трката беше ослободен од обвинувањата за допинг.

Поврзани

Најнови вести

Коментари