Тодоров задоволно ги трие рацете

Нова аквизиција во редовите на "штрковите" се Србинот Мијајловиќ и Јаневски, а во план е и ангажирање на искусен висок центар

Повратникот на клупата на МЗТ Скопје, амбициозниот Александар Тодоров може мирно веќе утре да замине на одмор и да го сочека стартот на подготовките за новата прволигашка сезона во Македонија (15 август). Изминативе денови луѓето од скопската населба Аеродром беа мошне активни, се со цел тимот соодветно да се засили и конечно да стигне до посакуваната шампионска титула, која широко ќе им ги отвори вратите за играње и во таканаречената Јадранска лига, почнувајќи од сезоната 2012/2013. Најнова аквизиција во редовите на МЗТ Скопје се Србинот Игор Мијајловиќ (27, бек), кој во изминатата сезона настапуваше за тимот на Ползела од Словенија. За МЗТ Скопје потпиша и досегашниот играч на Торус, Марјан Јаневски, а во план се и ангажирања на уште еден центар и двајца играчи родени во 1992/93.

Како што е познато досега потпис за настап во редовите на МЗТ Скопје ставија Ристе Стефанов, Огнен Стојановски, Чековски, Американците Дејвис и Даламан, а од староседелците тука уште се Кочов, Пенов и Грнчаров. Од минатогодишниот состав недостасуваат само Николовски, Звичевиќ и Аврамовски кои најдоа нови ангажмани.
- Повеќе од задоволен сум од она што досега го направија луѓето од клубот. Направивме екипа која во целост ги задоволува моите апетити. Сега преостанува само да најдеме еден искусен висок центар, кој би го пополнил ростерот. Што се однесува до мене веќе утре можат да почнат подготовките бидејќи МЗТ Скопје направи тим кој сигурно ќе биде респектабилен, вистински хит во новата сезона. Во тоа многу бргу ќе се уверат и бројните навивачи, симпатизери на клубот. Во МЗТ Скопје ќе почнат да дуваат нови ветришта кои ќе го одведат тимот до посакуваната цел, освојување на титулата и купот и излез на голема врата на меѓународната сцена, вели Александар Тодоров, кој ќе биде активен до 1 август, кога заминува на кус одмор, а првиот собир за подготовките во новата сезона се закажани за 15 август.

Славчо ТРОШАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари