logo
logo
logo

Тодоров: Симиќ е иднината! Респект за колегите, за доверената шанса на Савичевиќ, Тодоровски и Митревски!

Vecer | 10.02.2021

Тодоров: Симиќ е иднината! Респект за колегите, за доверената шанса на Савичевиќ, Тодоровски и Митревски!

🖊️ Подготви: Марија Ковачева


Македонската кошаркарска репрезентација денеска (13 часот) стартува со подготовките за последните квалификациски битки за место на ЕП 2022 година. По двата порази пред една година од Естонија на домашен терен и Русија на гости, Перм ќе биде нашата последна шанса за враќање на континенталното натпреварување и тоа по пауза од седум години.

Но, патот е долг и тежок. По корна-хаосот во Талин, Македонија ќе одигра четири меча во пет дена: двапати против Италија, по еднаш со Русија и Естонија.

Селекторот, Александар Тодоров до полетувањето за Перм на располагање ќе има 17 кошаркари, додека за квалификациските пресметки ќе поведе 15 играчи.

Предводникот на нашиот национален тим пред првиот тренинг во разговор за СПОРТМЕДИА отворено зборуваше за подготовките, списокот и она што допрва следи во Русија.

*НА СКРАТЕНИОТ СПИСОК СЕ НАЈДОА 17 КОШАРКАРИ, ДАЛИ ОВА Е НАЈДОБРОТО ОД КОШАРКАРСКА МАКЕДОНИИЈА?

„Дефинитивно е дека имаме и други кошаркари кои можеа да се најдат на овој список. Меѓутоа, како концепт кои го наложивме со моето доаѓање за селектор, идејата е да се даде шанса на оние кои ќе треба да го носат репрезентативниот дрес во нареднте десет и повеќе години. Многу ми е жал што на овој список ги нема и Јакимовски и Маслинко. Се надевам дека Маслинко ќе биде здрав веќе на наредниот собир, додека за Јакимовски, како што претходно кажав, ќе треба да почекаме да се врати во некој европски клуб“.

*ТЕОДОР СИМИЌ Е ИЗНЕНАДУВАЊЕТО НА ОВОЈ СОБИР. ЗОШТО ТОКМУ СЕГА ОДЛУЧИ ДА ДОБИЕ ШАНСА?

„Симиќ е иднината на македонската репрезентативна кошарка. Јас планирав да го повикам уште во ноемврискиот циклус, но поради проблемите со пандемијата беше невозможно да дојде во Македонија. Иако е исклучително млад, со штотуку наполнети 17 години, Теодор се најде на овој список за да добие шанса колку е можно порано да ја почуствува атмосферата во националната селекција, но истовремено и ние, како стручен штаб, да видиме како тој може да парира на поискусните колеги. Јас сум сигурен дека во следните три до четири години, Македонија ќе има најмалку двајца, можеби и тројца евролигашки кошаркари и дека тие успешно ќе можат да го понесат товарот во следните циклуси, а Симиќ е токму еден од тие“.

*НЕ ЧЕКА ПЕКОЛНО ТЕМПО, ЧЕТИРИ МЕЧА ВО ПЕТ ДЕНА. МОЖЕМЕ ЛИ ДА ГО ИЗДРЖИМЕ ОВОЈ РИТАМ?

„Ќе биде исклучително тешко, особено што пред неколку месеци со мојот клуб имав шанса да одиграме четири натпревари во пет дена. Секако дека постојат начини како да се организира оптоварувањето за време на самите натпревари, но и оној период на рекуперација помеѓу самите натпревари. Затоа и решивме на пат да поведеме 15 кошаркари, па евентуално некои од нив да може да добијат и еден дополнителен ден одмор. Но, тоа се нешта кои ќе бидат одлучувани на лице место, нормално во консултација за стручниот и медицинскиот штаб“.

*ШТО ТЕ ПЛАШИ НАЈМНОГУ?

„Ковид тестот во сабота, потоа тестот во понеделник вечер во Перм и ништо друго“.

*СЛЕДЕЈЌИ ГИ КОШАРКАРИТЕ ВО ИЗМИНАТИОТ ПЕРИОД, ОД ШТО СИ НАЈМНОГУ ЗАДОВОЛЕН?

„Задоволен сум дека гледам дека речиси сите од нив имаат клучни улоги во своите тимови. Тука не мислам само на посикусните репрезентативци, а и на оние помладите. Навистина ги респектирам и ги поздравувам колегите кои во своите екипи им даваат шанса да бидат носители на играчи како Савичевиќ, Тодоровски, а посебно Митревски во ТФТ, и тоа е нешто кое кај нас е многу ретко, особено поради наметнатиот императив за победа по секоја цена и стекнатото мислење дека екипа која дава шанси на млади играчи не може и да победува во исто време“.

*ОСТАНУВАШ ЛИ НА СТАВОТ ДЕКА МОЖЕМЕ СО ПОБЕДА НАД ЕСТОНИЈА ДА ОБЕЗБЕДИМЕ МЕСТО НА ЕП?

„Апсолутно. Тоа го кажав пред точно 12 месеци, тоа го мислам и денеска“.

*ЌЕ КАЛКУЛИРАМЕ ЛИ ВО ПЕРМ, ЌЕ ЧУВАМЕ ЛИ СИЛИ САМО ЗА ЕСТОНИЈА?

„Каква ќе биде нашата физичка состојба после три многу силни натпревари во толку краток временски период е прашање кое многу го дебатиравме од моментот на добивање на распоредот. Се согласувам дека ќе беше подобро да играме со Естонија на првиот или вториот натпревар, но од друга страна, ќе имаме дури три натпревари за подобро да се воиграме и да видиме каде се нашите силни, а особено слаби страни. Калкулации со национална селекција не постојат, спеак ние ја преставуваме нашата држава“.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk