ПРВА КОШАРКАРСКА ЛИГА

Струмичани летнаа во финалето

Откако во дуелот со МЗТ Скопје го освоија третиот поен, останаа во трката за одбрана на шампионската титула каде ќе играат со Фени Индустри

Кошаркарите на Струмица втора година во низа ќе се борат за шампионската титула. Тие во четвртиот полуфинален натпревар во Скопје славеа против домаќинот МЗТ Скопје, го освоија третиот поен, кој беше виза за настап во големото финале против Фени Индустри. Струмичани гледано во целина ја заслужија победата, беа поактивни, имаа позитива за разлика од домаќинот, кој ја бркаше негативата, посебно во самата завршница, кога се обиде со изнудени лични грешки да поентира, меѓутоа струмичани не беа наивни. Тоа што струмичани влегоа во неизвесна завршница самите се виновни, бидејќи му оставија простор на амбициозниот домаќин, во последните минути, прикриено да се надева дека може да забележи и победа, одложувајќи ја на тој начин и промоцијата на вториот финалист во Првата кошаркарска лига.

- Во периодот кога се кршеше натпреварот за жал направивме три-четири грешки, не реализиравме од чисти позиции, имавме и загубени топки, но немам намера да ги критикувам играчите за сето тоа, бидејќи кај нив постоеше голема желба за надигрување со противникот, кој на крајот заслужено победи. Сега имаме доволно време, откако ги завршивме настапите на домашната сцена, во мир да анализираме каде згрешивме и зошто не успеавме да играме во финалето, вели тренерот на МЗТ Скопје, Марјан Лазовски.

Задоволството од победата не го криеше гостинскиот тренер Миодраг Кадија, иако во текот на натпреварот беше доста нервозен, барајќи од своите играчи да бидат дисциплинирани во одбраната и нападот.
- Тежок меч, но сепак преживеавме. Можевме и моравме да минеме полесно, да стигнеме и до третиот поен за големото финале. Самите придонесовме натпреварот да има неизвесна завршница, но се е добро кога добро ќе заврши. Заслужено победивме. Сега ќе имаме доволно време да размислуваме за Фени Индустри, во трката за одбрана на шампионската титула, вели тренерот на Струмица 2005, Миодраг Кадија.

Централна фигура на натпреварот беше гостинскиот играч Димче Тасовски, кој секогаш во вистинскиот момент знаеше да поентира. Податокот дека имаше реализација 7-5 за тројка и 6-5 за двојка, доволно зборува за неговата мирна рака, умешност, кога треба најмногу да

се издигне над моментната ситуција. Големи играчи тоа го можат само на вакви натпреварите, кога нема поправни испити.

Финалната серија стартува на 20 мај
Конечно познати се финалистите во трката за шампионската титула. За вредниот пехар на Кошаркарската федерација на Македонија ќе играат екипите на Фени Индустри и Струмица 2005, истите оние кои настапија во финалето на неодамна одржаниот куп на Македонија за преодниот пехар на Вечер, кога триумфираа кавадарчани. Тие за првпат се во улога на фаворит, за освојување на шампионскиот пехар и сигурно ќе сторат се и тој да се најде во нивните витрини, заокружувајќи ја успешната сезона. Предвидено е финалните натпревари да се играат во серијата подобар од четири, а првиот меч ќе се одигра на 20 мај во Кавадарци. Пред стартот на финалниот дел од разигрувањето, Фени Индустри веќе има освоено еден поен, поради трите победи над противникот во регуларниот дел на сезоната.

МЗТ Скопје - Струмица 2005 85:89 (1-3)

Сала "Јане Сандански". Гледачи: 1000. Судии: Златевски, Денковски и И.Митровски од Скопје.
Резултат по четвртини: 16:21, 22:23, 19:14, 28:31.
МЗТ Скопје: Тачи 10, Б.Николовски, Петровски 22, Живковиќ 15, Рамадан, Конзулов 8, К.Николовски 7, Милановски 4, Агоч 21, Деспотовиќ.
Струмица 2005: Богоев 12, Цветков 1, Соколов 14, Груиќ, Тасовски 28, Крстевски 7, Бошњак 12, Пуповиќ 4, Караманолев, Латовиќ 11, Заев.

Славчо ТРОШАНОВСКИ
Фото: Д. АНДОНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари