logo
logo
logo

Стручен коментатор – Ристо Магдинчев: Критики да, но не и навреди!

Vecer | 21.01.2022

Стручен коментатор – Ристо Магдинчев: Критики да, но не и навреди!

На ЕП 2022 во Унгарија и Словачка веќе започнаа натпреварите од главната фаза, но Македонија не е меѓу оние селекции кои се натпреваруваат во оваа фаза од шампионатот. Нашите ракометари по одиграните три меча во групата и трите порази, се вратија дома. Завршивме на 22-то место на ЕП, пласман кој секако не е задоволувачки. По 3-4 дена, се разбира доволно време да слегнат емоциите, време е за анализа за тоа како мина Македонија на ова ЕП од аголот на стручниот коментатор на “Спортмедиа“, Ристо Магдинчев.

Како прво веднаш да кажам дека ми пречи тоа што во дел од јавноста со погрдни зборови се `удри` по ракометарите. Имаше и навреди по социјалните мрежи. Јас сум за критика, апсолутно, но не и за навреди. Тоа како прво. Факт е дека пласманот и настапот на Македонија не е на она посакувано и очекувано ниво, но без навреди ве молам. Разбирам дека во Македонија сите се разбираат во ракомет, сите сакаат да кажат нешто, но тоа да биде одмерено, умерено и со цел, а не празни навреди“ констатира Магдинчев.

Тој и натаму смета дека од континуитетот е добар, но треба веќе конечни да се мисли и на резултат…па ако треба да се жртвува и настап на едно или две големи натпреварувања.

Убаво е да се види секој јануари Македонија на ЕП и СП, но уште поубаво е да имаш и резултат. Јас сметам дека подобро е да се жртвува настап на СП и ЕП со цел да се создаде репрезентација, тим, да се воигра тимот, и потоа од него да се бараат резултати. Тоа е процес кој трае четири години, и сега ние мораме да почнеме со работа од денеска, поточно сите што се во репрезентацијата, за да за 3-4 години резултатите дојдат. Треба време и трпение, се разбира и макотрпна работа. Само така ќе бидеме на вистинскиот пат. Тоа треба сите да го сфатиме, од јавноста, до стручниот штаб, ракометарите и Федерацијата, сите“.

КОВИД ПРВЕНСТВО…

Факт е дека ова е Ковид првенство. Како и сите селекции, така и Македонија си имаше големи проблеми.

Да, и затоа не може сега да се направи адекватна анализа. Покрај тоа ние имавме проблеми и со неиграњето на Лазаров, Манасков и уште неколку ракометари поради повреди. Секако дека со нив ќе беше поинаку, нас ни недостасуваа клучни играчи. Што се однесува до настапот што да се каже, кога ќе загубиш трипати на исто толку натпревари, а посебно на начинот на кој што ќе ги згубиш, тоа е јасно, тука не треба анализа. Јас реков и претходно, ние си имаме проблем со менталитетот, со психологијата. После секој добро одигран меч, како со Словенија, ние мислиме дека сме светски прваци, а после секој пораз мислиме дека сме катастрофа. Не сме ниту едното, ниту другото. Во врска со играта, со тактиката на сите три меча јас дадов анализи на „Спортмедиа“, но факт е дека јас лично, а, и јавноста, очекуваше повеќе. Да, вистина е дека заминавме ослабени, да, вистина е дека имавме проблеми, но сепак и натаму сметам дека без разлика на се, оваа репрезентација има потенција. Само треба работа и работа“.

Магдинчев беше еден од ретките кои пред ЕП јавно кажа дека на селекторот на Кире Лазаров ќе му биде најтешко.

Видете, Лазаров е играчка легенда од светски размери. Зарем јас треба да кажувам кој е и што е. Но да си тренер, е тоа е нешто сосема друго. Можеби и подобро е што не играше, сега има јасна слика што и како со овие ракометари. Не мислам дека беше добра таа таинственост на подготовките, таа таинственост на подготвителните мечеви. Јасно е дека секој селектор си воведува свои правила, но сметам дека транспарентноста мора да биде поголема. Исто сметам дека не беше добро што во репрезентацијата се сметаше дека ние со Црна Гора без проблеми ќе победиме, ете видете каде е сега таа Црна Гора. Ова ЕП нека биде искуство и поука за сите во репрезентацијата, за стручниот штаб, грешките во иднина да не се повторуваат. Неиграњето на Кире можеби беше и шок за останатите ракометари, тие досега беа навикнати тој да ги `влече`, покрај него се е полесно. Но реков, за мене е подобро што не играше“.

МОРА ДА СЕ ИМА ЦЕЛ…

Нашиот стручен коментатор смета дека сите што се во репрезентацијата мора да имаат цел.

Ако веќе целта е да се направи нова, млада репрезентација со перспектива, тогаш тоа треба да биде приоритет. Па макар ништо не направиле на баражите. И да не успееме да се пласираме на СП нема да биде трагедија. Нашите мисли треба да бидат насочени кон иднината. Ние на ова ЕП не заминавме со некоја цел, или барем не и беше кажано на јавноста каква е нашата цел. Ќе атакуваме на тоа и тоа место, ќе се обидеме да дојдеме до тој и тој резултат. Ако веќе ова ЕП послужи за испробување на некои играчи, испробување на тактика, тогаш во ред. Но тоа требаше да се каже, да се подготви јавноста. Ние сите добро знаеме што значи ова ракометна селекција за нашата држава, за Македонија. И кога сме кај целите, јас еве препорачувам на баражите да играме и без Лазаров, и без Миркуловски. Овие помлади ракометари конечно мора да сфатат дека тие мора еднаш да ја преземат одговорноста“.

Се разбира има уште многу да се говори, но Магдинчев посочува за тоа кој позитивно изненадил од нашите ракометари.

Се разбира, Цветан Кузманоски, секако и Велковски кој си има проблем, имено тој треба да го наследи Лазаров на таа десна бековска позиција и секогаш ќе биде гледан низ таа призма. Секако голманите Митревски и Томовски, ние на оваа позиција сме најсилни. Не сакам поединечно некого да издвојувам кој негативно изненадил, туку сакам ова да го потенцирам. Имено кога кажав дека Лазаров ќе си има проблеми, а и сите во репрезентацијата, мислев и на играчкиот кадар. Реков дека Македонија има потенцијал, тука нема дилеми, но најголем број на овие ракометари се резерви во своите клубови. Јас не можам да сфатам да се задоволиш со тоа дека си резерва во Вардар, Е. Пелистер…а потоа добиваш повик во репрезентацијата. И нормално кога немаш минутажа во клубот тогаш во репрезентацијата играш како што играш. На крај да кажам и предложам, работа и само работа, да се знае целта, а до таа цел да се оди бескомпромисно, без одење лево и десно, само право кон целта. Само така и никако поинаку“ заврши со својата анализа Ристо Магдинчев.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk