Милан го објави новото засилување, голманот на Лил Мајк Мењан. Трансферот изнесува 13+2 милиони евра, а фудбалерот потпиша договор до јуни 2026 година за околу 3 милиони евра годишна плата (тврди италијанскиот новинар Џанлука ди Марцио, специјалист за трансфери во Серија А).

Мењан стана шампион со Лил. Тој ја заврши сезоната со 21 меч без примен гол – најдобар скор од сите голмани во топ 5 шампионатите. Неговиот прекар е „Магичниот Мајк“, а како мал сонувал да стане напаѓач.

Мајк е многу незгоден дечко. Како дете сакаше да биде напаѓач, но немавме голмани, па го ставив на голот. Потоа почна да ме малтретира, да ми се лути, да ми приговара, да ми зборува да го ставам во нападот. Морав да му зборувам дека ќе го ставам да игра напаѓач кога ќе биде спремен“, се присетува Роман Дамиано, тренерот во младинската школа на ПСЖ во интервју за „Газета дело Спорт“.

А тоа не се случило. Мењан си бранел и останал на голот. Сега е голман. И тоа врвен.

Во ПСЖ за малку ќе се степал со Адриен Рабио.

Се пошегував со него, а тој ми се налути. Тој обично е мирен тип, но тогаш ептен се навреди. Ќе се степавме за малку. Но се смиривме и сега сме како браќа“, вели новиот голман на Милан кој призна и инцидент со Ибрахимовиќ.

ЗЛАТАН ГО НАРЕКОЛ Г*МНО ОД ГОЛМАН

Кога имал 18 години бил повикан во првиот тим да тренира заедно со Алфонсо Ареола и Салваторе Сиригу.

Еднаш на тренинг, Златан ми даде гол. Искрено, тој шут немаше да го одбрани ни Буфон. Ми се сврте и ми рече: „Ти си г*мно голман“. Јас му возбратив со зборовите: „А ти г*мно напаѓач“. Ме погледна и не ми рече ништо. Во соблекувалната влезе и ме фати за рамото: “Сакам луѓе како тебе, ми се допаѓа твојот темперамент“. Го почитувам Ибра како личност, тој веднаш ти кажува во лице, нема зошто да молчи. Тој е професионалец“, изјави Мењан.

Во 2015 година ПСЖ го продаде Мењан на Лил за 1 милион евра. Две години подоцна застанува на голот на Лил и од тогаш е стандарден.

sportmedia.mk