logo
logo
logo

Спортмедиа анализа – Артим Шаќири: Среќа наша што го имаме Аријан Адеми!

Vecer | 09.06.2021

Спортмедиа анализа – Артим Шаќири: Среќа наша што го имаме Аријан Адеми!

Зарем треба да се трошат зборови за Артим Шаќири? Нашиот некогашен репрезентативец, стрелец на легедарниот гол од корнер против Англија, една од легендите на Вардар.

Деновие Шаќири за СПОРТМЕДИА ќе ги коментира настаните на ЕУРО 2020, се разбира со посебен акцент на настапот на нашата репрезентација.

АДЕМИ Е ЕДЕН ОД НАШИТЕ КЛУЧНИ ИГРАЧИ

Општ заклучок на сите е дека еден од клучните играчи во нашиот тим е Аријан Адеми, дека тој е “моторот“.

Јас лично не сакам да издвојувам поединци, но кога веќе ме прашувате секако дека покрај Горан Пандев, токму Аријан Адеми е клучниот играч во нашиот тим. Наша среќа што го имаме во репрезентацијата. Долго време ни недостасуваше таков профил на играч во средниот ред и ете го најдовме. Адеми е искусен, квалитетен и прекален борец. Има играно голем број мечеви во ЛШ и ЛЕ. Знае што треба во даден момент да се направи. Се разбира дека тој е `моторот` во тимот, тој е таа врска од одбраната до нападот. Не сакам да ја намалам вредноста на нашата Прва лига, но тешко дека и во блиска иднина ќе `извадиме` играч од профилот на Адеми од кај нас“ посочува Шаќири.

ПАНДЕВ И ЕЛМАС ВО НАПАДОТ?

Со оглед на тоа дека го нема Илија Несторовски, дали треба во нападот на мечевите на ЕП да бидат Пандев и Елмас, а во срцето на средниот ред Адеми, Барди и Николов, додека по страничните линии Ристовски и Алиоски.

Видете. Неблагодарно е сега јас да коментирам кој што, како и каде треба да игра. Елмас е универзалец, добро е да го имаме во средниот ред, или на левата офанзивна линија или во нападот со Пандев. Добро е што Барди се врати, значи ќе имаме повеќе опции. Е, сега, дали е добро да играме без класичен напаѓач? Не би можел да одговорам. Едно е сега на маса да разговараме, а сосема друго на терен. Јас не знам каква тактика ќе подготви нашиот стручен штаб, но добро е што има повеќе опции. Имаме ние квалитетни играчи, кои можат да одговорат на предизвикот. Во модерниот фудбал се знае, сите треба да играат одбрана и сите треба да играат во нападот. Поинаку не се може“ вели Шаќири.

ДА ЗАБОРАВИМЕ НА ТБИЛИСИ, ПОБЕДАТА НАД ГЕРМАНИЈА…

Македонија во добра форма го дочекува стартот на ЕП. Имаме три победи на последните четири средби и едно реми, тоа со Словенија на контролата во Скопје минатата недела.

Тоа е минато, тоа треба што побргу да се заборави. Да заборавиме на победата над Германија, на Тбилиси, на победите и добрите игри во последно време. Настапот на ЕУРО 2020 е нешто посебно. Ова е важно, на ова треба да се сконцентрираат момците во нашата репрезентација. Јас не се сомневам дека тие ќе го дадат својот максимум, дека ќе одиграат и повеќе од тие потребни 100% од своите можности. Без разлика на резултатот, ако го дадат својот максимум јас ќе бидам задоволен. Не сакам сега да прогнозирам дали ќе ја минеме групат или не. Сепак ова е ЕП, а ние сме дебитатни. Можеби е добро што не сме во групата на фаворити, но сепак нема да биде лесно. Ова е собир на најдобрите репрезентации во Европа, и не сакам да сега да прогнозирам колку бодови ќе освоиме, дали ќе освоиме и слично. Реков, нека одиграат од срце, за себе, за репрезентацијата, за државата и сите ние ќе бидеме задоволни без разлика каков ќе биде резултатот на нивните мечеви. Од друга страна јас сметам дека имаме тим и квалитет со кој може да изненадиме“.

ДОБРО Е ДА ИМА ЕУФОРИЈА, ТАА ТИ ДАВА СИЛА…

Во Македонија, во јавноста веќе има еуфорија…

И добро е да е така. Добро е да се има еуфорија. Јас сум бил фудбалер, репрезентативец и многу добро знам што значи таа еуфорија, таа подршка од фановите за играчите. Едноставно ти дава крилја, те носи. Но треба да се има некоја мерка. Не смеат нашите репрезентативци да сметаат само на еуфоријата. Треба да се игра и тоа како сериозно и квалитетно. Австрија, Украина и Холандија се екстра репрезентации, тука нема дилеми. Но и ние сме квалитетна репрезентација, и тука нема дилеми. На крај да им порачам на сите во нашиот табор дека ја имаат сета поддршка од мене, од нашата јавност, од сите во нашата држава. Им посакувам добри игри победи“ порача на крајот Артим Шаќири.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk