Вардар 1961 ја забележа втората победа во низа во СЕХА-лигата, на домашен терен го совлада Нексе со 27-26 (15-12). Одлично прво полувреме и далеку послабо второ полувреме одиграа „црвено-црните“, кои се намачија за да дојдат до бодовите. Борко Ристовски немаше премногу одбрани на оваа средба, но две ги запиша во вистинско време.
Стратегот Стевче Алушовски на овој меч на располагање го имаше новиот играч, Васко Шеваљевиќ, а во составот се врати и Иван Чупиќ. Надвор од терените поради повреда е Кристијан Дисингер.
Македонскиот тим поведе со 4-0, гостите првиот гол го постигнаа во осмата минута (4-1). Вардар 1961 држеше ритам до 19. минута кога Нексе дојде на минус еден (11-10). Со серија од 4-1, „црвено-црните“ зголемија на 15-11, на одморот беше 15-12.
Во продолжение, ракометарите на Вардар 1961 одржуваа предност од три до четири гола, се чинеше дека ова ќе биде лесна победа, но, во 45. минута, Нексе изедначи на 23-23. Д
омаќинот се мачеше, падна темпото, дури не беше искористена предноста од играч повеќе. Дибиров на нецели пет минути погоди за 26-25, Ристовски одбрани пенал, на другата страна Чупиќ реализираше седмерец за 27-25 на две минути до крајот. На нешто повеќе од 30 секунди до крајот, Ристовски со двојна одбрана, го спречи противникот да дојде до изедначување.
Најефикасни во редовите на Вардар 1961 беа Филип Талески и Иван Чупиќ со по шест погодоци беа најефикасни. Ристовски имаше седум интервенции од 32 удари.
Овој дуел беше вовед на февруарскиот поход во Лигата на шампионите, прв противник е тимот на Порто, мечот се игра на 4. овој месец на гостински терен.