Солзи радосници на новите спортски херои на Македонија (ГАЛЕРИЈА)

Не само историскиот прв пласман на Европско првенство, туку и еуфоријата измешана со солзи-радосници по триумфот над Унгарија, ги возвиши македонските одбојкари во нови миленици на нацијата.

Сите пехови со антологиските крстосувања со дотраени автобуси низ Европа, трите неуспеси на прагот на златото во Европска лига, несоодветниот третман од надлежните институции, сето тоа вечерва дојде за наплата, па новите спортски херои на Македонија им се препуштија на емоциите, за кои најдобро зборуваат фотографиите во продолжение.

Тренерките со натпис „Одбојкарски тим на Македонија" на англиски, пак, делуваат нестварно деновиве кога Собранието ја финализира постапката со уставните промени и менувањето на името на државата во Северна Македонија.

Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, не го криеше одушевувањето од историскиот пласман на Европско првенство со триумфот од 3:0 вечерва во Скопје.

„Ова е сон. Најубавиот ден во мојот живот по раѓањето на ќерка ми. Ова не се мери со ништо друго: Македонија на Европско првенство!
Имаме три сребра од Европска лига. По поразот од Хрватска ми се уби желбата за одбојка, бидејќи сакавме триумф овде на фајналфорот во Сребрена лига. Но, еве ја сега радоста", изјави најдобриот македонски одбојкар.

„Верувавме, знаевме дека можеме. Им реков на момците да одиграме најдобро што можеме и успеавме. Дај боже да одат и фудбалерите на Европско, и сите други македонски селекции, да победуваат ракометарите", додаде првата „виолина" на националниот одбојкарски тим, петти во екипните спортови во Македонија што ќе настапи на континентален собир по ракометарките, ракометарите, кошаркарите и ватерполистите.

Со максималниот триумф од 3:0 против Унгарија во Скопје, одбојкарската репрезентација на Македонија се избори за прво учество на Европско првенство по 25 години чекање и 89 квалификациски натпревари од 1994 година наваму!

„Црвено-жолтите" ги добија трите сета од натпреварот во СРЦ „Кале" со 25-21, 25-20 и 25-21 и го освоија второто место во групата Ф, завршувајќи меѓу петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи.
Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најкорисен играч во македонскиот тим со 17 поени, три повеќе од Александар Љафтов.

За пласманот на 31. ЕП, кое ќе се одржи од 12 до 29 септември годинава во Белгија, Франција, Холандија и Словенија, македонските одбојкари се изборија со по три победи и порази во групата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари