logo
logo
logo

Скопје се разбуди со ритамот на тркачите: 18. издание на Виз Ер Скопски маратон со нови рекорди и уникатни транспаренти

Vecer | 02.10.2022

Скопје се разбуди со ритамот на тркачите: 18. издание на Виз Ер Скопски маратон со нови рекорди и уникатни транспаренти

Над 8500 тркачи од повеќе од 47 земји од светот ги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, позитивен утрински дух и безброј насмевки, кои што беа вистинска инспирација за навивачките групи долж рутата на најмасовната спортска манифестација во Македонија. Ваква беше атмосферата на 18тото издание на Виз Ер Скопски

маратон.

Традиционалните трки на овој маратон започнаа во 08:00 часот во центарот на главниот град, по нова патека, која се здоби со А сертификат од АИМС и Светската атлетска федерација, како големо достигнување за квалитетот на овој настан и вредноста на учеството во истиот. Финишот на сите трки беше плоштадот „Македонија“, кој со ова издание повторно прерасна во традиционалното место за завршување на Виз Ер Скопскиот маратон.

На 18то издание на Виз Ер Скопски маратон, победник во машка конкуренција е Онесмус Киплимо Киплагат со време од 02:18:19. Второто место го освои Дарио Ивановски со време од 02:23:07, а пиедесталот го дополни Никола Илиевски со време од 02:43:28. Во женска категорија прва до целта стигна Кетрин Черотич со време од 02:38:48, второпласирана заврши Билјана Кираџиева со време од 03:04:49 и третото место го освои Тамара Попов со време од 03:23:00.

„Виз Ер Скопскиот маратон од година во година, сè повеќе ја зголемува свеста за улогата на трчањето и спортувањето во оддржувањето на здравјето, а доказ за тоа се сè почестите тркачи низ улиците кои тренираат и се подготвуваат за маратонот во текот на целата година, како и бројот на годинешните учесници кој надмина 8500. На ниво како светските маратони, - и оваа година во утринско расположение, асфалтот низ Скопје и оваа година трепереше од чекорите на тркачите, кои доаѓаат од Македонија, но и од многубројни земји од целиот свет. Им упатувам искрени честитки на сите победници на сите трки, како и на сите учесници и волонтери на 18тото издание на Виз Ер Скопски маратон, - вие сте инспирацијата и срцето на овој настан,“- изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, присуствуваше на оваа спортска манифестација и ги додели наградите на прво пласираните на ова издание на маратонот.

Во машка конкуренција од македонските натпреварувачи, прв до целта стигна Дарио Ивановски со време од 02:23:07, второто место му припадна на Никола Илиевски со време од 02:43:28, додека на третото место заврши Миле Бачески со време од 02:45:29. Од женските претставници на Македонија, првото место го освои Билјана Кираџиева со време од 03:04:49, второто место и припадна на Тамара Попов со време од 03:23:00, а на трето место заврши Весна Кираџиева со време од 03:44:09.

Најдобар на полумаратонот во машка конкуренција и во категорија на македонски атлетичари е Жан Тошев со време од 01:11:56, на второ место заврши Иван Пешовски со време од 01:13:24, додека третото место му припадна на Атанас Анчевски со време од 01:13:45. Победничка на полумаратонот во женска категорија и со нов рекорд на патеката е Адријана Поп Арсова со време од 01:16:12, пиедесталот го пополнија е Греса Бакрачи од Косово со време од 01:22:54 на второто место и Миљана Ристиќ со време од 01:28:01 на третото место. Во женската конкуренција од македонските натпреварувачки на полумаратонот, првопласирана Адријана Поп Арсова со време од 01:16:12, на второ место за време од 01:28:01 заврши Миљана Ристиќ, а на трето место е Марина Домазетовска со време од 01:33:54 .

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска оваа година ги закити победниците на полумаратонот со заслужените медали.

Победници на најкратката трка по должина, 5км, беа Григоријан Никовски за време 00:17:00 во машка конкуренција, втор заврши Јован Костовски за време 00:17:23 и трет беше Христијан Танески за време 00:17:36, додека кај дамите друштво на пиедесталот на победничката Одета Белегу за време 00:20:07 и правеа Ирма Хајдари за време 00:20:21 и Магдалена Станковска за време 00:20:36.

Наградите на најдобрите тркачи на трката од 5км ги додели, Наумче Мојсоски, претседателот на Агенцијата за млади и спорт.

„Значителен успех е да се организира спортска манифестација од ваков ранг која со ова издание полека го враќа бројот на учесниците како пред пандемијата. Овој маратон годинава го посветуваме во чест на претседателот на Сојузот на спортови, Ѓорѓи Кузмановски, кој иако нè напушти неколку дена пред оддржувањето на маратонот, неговата посветеност, труд и улога како главен мотиватор за зачувување и промовирање на спортските вредноста, - за секоја година овој настан да се зголемува и напредува сè повеќе, - ќе останат запаметени како уникатен пример за сите генерации,“ изјави Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Организаторите на Виз Ер Скопски маратон ги потсетија присутните за важноста да ја негуваме љубовта кон трчањето и здравиот живот, а воедно со спортски поздрав им упатија благодарност и честитки на сите победници и учесници, како и на секој волонтер на овогодинешното издание на маратонот, чија укажана помош секоја година е незаменлива и прави разлика во уште поуспешна организација на овој спортски настан.

Виз Ер Скопски маратон е организиран од страна на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, Министерството за внатрешни работи е партнер на маратонот, а како и секоја година оваа најмасовна спортска манифестација е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.

Традиционалните награди за најдобар транспарент, како и за најдобра фотографија, како дел од еден од најзабавните делови од маратонот, - ќе бидат финално објавени на официјалната фан страница на Виз Ер Скопски маратон на социјалната мрежа Фејсбук: https://www.facebook.com/skopskimaraton

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk