ЗАВРШИ КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ПРЕОДНИОТ ПЕХАР НА "ВЕЧЕР" ВО КОШАРКА (МАЖИ)

"Шпедитерите" наздравија со шампањско по шести пат

ВО ДРАМАТИЧНА ЗАВРШНИЦА, ВО ВИСТИНСКА СПОРТСКА АТМОСФЕРА, ОДЛИЧНА ОРГАНИЗАЦИЈА, ПРЕД ПРЕПОЛНО ГЛЕДАЛИШТЕ ВО СРЦ "КАЛЕ", Ф.РАБОТНИЧКИ СЛАВЕШЕ ПРОТИВ ВАРДАР О. ,ЧИИ ИГРАЧИ ВО РЕШАВАЧКИТЕ СЕКУНДИ ЈА ЗАГУБИЈА КОНЦЕНТРАЦИЈАТА И УТНАА ЧЕТИРИ СЛОБОДНИ ФРЛАЊА

Мак баскетот повторно е во центарот на вниманието на македонската, спортска јавност, по повеќе од бледата лигашка сезона. Посебно по сето она што се случи во салата на СРЦ "Кале", на 13. финален турнир од Купот на Македонија, за преодниот пехар на "Вечер", во кој играчите на Ф. Работнички по шести пат наздравија со шампањско за освоениот преоден пехар на "Вечер" (го врачи Петар Рибарски, генерален директор на "Вечер" ) и траен од КФМ (го врачи претседателот на федерацијата Даниел Димевски). Се врати симбиозата на сето она што симболизира Креативност, Оригиналност, Шарм, Атракција, Рационалност, Комуникативност и Ангажираност. Во целиот севкупен, позитивен амбиент се вклопија и организаторите, луѓето од кошаркарската федерација кои успеаја и гледачите да ги вратат на трибините, внесат во игра, дури кога и топката, во паузите на четвртините, мируваше. Едноставно за кусо време се почувствува нов дух, свежина за доброто на сите. Почнувајќи од изведбата на македонската химна од естрадната уметничка Александра Пилева, па до она што го демонтрираа актерите на теренот. Тоа е најголемиот поен од годинашниов финален турнир за кој не се штедеа комплименти до федерацијата од сите страни, дури и од поразените екипи. Неутралниот терен не му даде никому шанса за опуштеност, дури и гледачите се ставија во ред, докажаа како треба да се негува една традиција, спортски навива и наградува подобриот. Од настаните на теренот за одбележување се бројните турболенции во сите 40 минути, "одење" на резултатот по жица што го задржа вниманите во сите 40 минути. Вакви натпревари се потребни за враќање на вербата во играта која долго време беше вистинска магија за сите. Победа славеше Ф. Работнички, но и Вардар Осигурување имаше шанси да го прослави првиот успех. На крајот остана со куси ракави, по сопствена вина: - Гледано во целина решавачки беа нашите четири утки во низа, од линијата за слободни фрлања, во финишот. Немам намера да ги обвинувам Мираковски и Гоцевски за промашувањата, бидејќи сигурно сакаа да го направат најдоброто. Но, се случи тоа што се случи, остана да тагуваме за првиот трофеј, вели, тренерот на Вардар Осигурување, Марјан Лазовски. Во таборот на стариот - новиот освојувач на купот, Ф. Работнички посебно расположен беше Диме Тасовски, прогласен за МВП играч на финалето од новинарите: - Задоволството е двојно, освоен е уште еден трофеј, а вториот ќе го носам дома, мислам го заслужив признанието од новинарите. Посебно ми е мило што сето ова дојде во дуелот со мојот поранешен клуб, вели Диме Тасовски, кој доби пехар од рацете на Тихомир Петрески, член на УО на КФМ За најдобар дефанзивец на финалето беше прогласен Горан Веселиновски (пехарот го предаде Зоран Источки, КФМ), а медалите на двете екипи им ги доделија Ѓорѓе Војновиќ , генерален секретар на КФМ и Ѓорѓи Трајчев, Агенција за млади и спорт.

Славчо ТРОШАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари