ПРВА КОШАРКАРСКА ЛИГА- ФИНАЛНА СЕРИЈА

Серијата се враќа во Кавадарци

Во натпревар во кој имаше кошарка и непромислени потези на домашните гледачи кои предизвикаа 20-минутен прекин, екипата на Струмица 2005 славеше победа против Фени Индустри за продолжување на неизвесноста за титулата

Актуелниот шампион, екипата на Струмица 2005, со триумфот во својата сала против Фени Индустри ја намали предноста на противникот во освоени поени 3-2 (за титулата се потребни четири) и ја продолжи неизвесноста околу освојување на шампионската титула. Сега топката се враќа во Кавадарци, каде утре ќе се одигра петтиот натпревар од финалната серија.

Мечот во "Парк" беше доста невообичаен во својата содржина, за жал, зачинет и со неспортски испади на струмичката публика, кои поради фрлени бројни предмети на теренот, предизвикаа и прекин на натпреварот од 20 минути во моментите кога кавадарчани водеа со 52:54 (28 минута). Среќа во несреќа е тоа што ниту еден од актерите и службените лица не беше повреден од фрлените предмети кои наидоа на осуда од вистинските љубители на кошарката.

Струмичани добро го отворија натпреварот, по 20 минути игра ја имаа најголемата предност (44:27), но како одминуваше времето паѓаше нивната концентрација, беа нервозни исто како и гледачите .
- Зад себе имам шест финалиња и она што го видов и доживеав во Струмица навистина ме прави да бидам немирен. Тоа најмалку наликува на едно финале, кошаркарско. И замислете сега ние сме тие кои мораме да ги смируваме нашите гледачи, бидејќи наредниот натпревар ќе го играме дома, со цел да нема реакција на вулгарностите, непријатностите од Струмица, кои се туѓи на кошарката.

Што се однесува до играта во Струмица во последниата четвртина направивме неколку грешки кои не требаше да ги направиме и се случи да загубиме веќе добиен натпревар, вели тренерот на Фени Индустри, Емил Рајковиќ.

За разлика од него, кормиларот на струмичани Миодраг Кадија одби да даде било каква оценка за натпреварот, во кој неговиот тим триумфираше во последните шест секунди, со реализираните две слободни фрлања на Дамир Латовиќ.
- Што и да кажам погрешно ќе се протолкува. Вакво нешто за овие два месеци откако сум во Струмица немам доживеано. Затоа подобро е да прашате било кој играч за натпреварот. Јас овојпат навистина немам што да кажам, вели Миодраг Кадија.

Струмица 2005 - Фени Индустри 75:74 (2-3)

Струмица.- Сала "Парк". Гледачи 2.000. Судии: Крстевски, Милоевиќ и Терзиевски од Скопје.
Резултат по четвртини: 22:18, 22:11, 10:29, 21:16.
Струмица 2005: Богоев 18, Цветков, Соколов 6, Груиќ, Тасовски 9, Крстевски, Грнчаров, Бошњак 12, Пуповиќ 13, Караманолев, Латовиќ 17, Заев.
Фени Индустри: Манев, Прековиќ 8, Баснарков, Браун 9, Кол 33, Радуловиќ, Поповиќ 4, Гоцевски 17, Ѓуров 2,Димитровски, Михајловски, Самарџиев 1.


Славчо ТРОШАНОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари