Во сабота стартува пролетниот дел во двете втори лиги, во источната и западната конкуренција. На истокот во втората полуетапа од тековната сезона, Брегалница “влегува“ како апсолутен фаворит. На досега одиграните 16 кола штипските “сини“ освоија 42 бода, дури седум повеќе од вториот Тиквеш.

За тоа дали Брегалница е подготвена и што може да се очекува од овој тим, дали конечно по долги години Штип одново ќе биде прволигашки град, за СПОРТМЕДИА свое видување дава стратегот на тимот Марјан Секуловски.

Можам јавно да кажам дека Брегалница е максимално подготвена. Се она што требаше да го одработиме во зимскиот период е одработено. Тимот од есеноска остана истиот, засилени сме со Муарем и Дујовски, и сега мислите ни се насочени кон саботниот меч со Победа. Видете, сите ние во клубот сме свесни што овдешната фудбалска јавност очекува од нас. Затоа мораме максимално сконцентрирано да ги одиграме сите пролетни мечеви. Брегалница ќе биде првологаш кога и математички ќе биде. Не се занесуваме со тие +7 бодови од есенскиот дел. Ние ќе “влеземе“ во пролетната полусезона како да немаме никаква предност. Влогот е премногу голем, премногу напор се вложи во овој клуб во изминатите месеци за да сега си играме “играчки“. Ништо уште не е готово. Јас, и покрај нaјавите од Кавадарци дека тие ќе играат за тоа второ место, сметам дека Тиквеш не смее никако да се отпише. Да, предноста е голема, но таа не гарантира ништо. Мораме да играме уште подобро од есеноска, мораме на овој Штип конечно да му ја донесеме таа Прва лига. Јас сум оптимист, имаме сите ние верба во клубот во своите можности, но тој оптимизам и квалитет треба да го преточиме на теренот. Таму се мерат резултатите, таму се освојуваат бодови. Знам дека притисокот ќе биде врз нас, но ние сме подготвени да се носиме и со тој предизвик, на крај да кажам дека Брегалница сама си ја креира или крои својата судбина оваа пролет“ изјави Секуловски.

sportmedia.mk