Петкратниот светски шампион во ски-скокови, легендата на финското ски-скокање, Јане Ахонен, вели дека денеска е само еден обичен човек. Во интервју за финскиот „Илта-Саномат“, Ахонен не крие дека воопшто не му е криво што повеќе не е дел од спортот во кој го помина целиот свој живот, туку му е многу драго што се „откачи“ од тој начин на живот и почна да работи нешто сосема друго.

„Во минатото, добивав плата од скијачката асоцијација на проектна основа, но ова е навистина мојата прва вистинска работа за која добивам плата. И се чувствувам многу добро“, вели Ахонен.

Ахонен веќе половина година има свој бизнис. Поправа, дизајнира и продава автомобили и кампер-приколки.

„Особено се фокусирам на камперите, на пример, дизајн и подесување на персонализирани единици за посебни клиенти. Денес, клиентите честопати сакаат да имаат кампери со посебни додатоци“, вели финскиот ски-скокач.

Иако можеше комотно да продолжи да работи во спортот кој го прославу, Јане Ахонен вели дека нема да се врати назад и на стариот живот и навики. Тој сега живее во Лахти, а последен пат беше дел од скијачката асоцијација на Олимписките игри во Пјонгчанг 2018.

„Неизмерно уживам што конечно можам да го живеам секојдневието на една обична личност. Проклето е лесно и убаво да дојдеш на работа кога знаеш дека после работниот ден можеш повторно да го поминеш слободното време со најдрагите и дека не мораш да се притискаш за ништо“, вели Ахонен.

sportmedia.mk