logo
logo
logo

Само три бода во игра: Овој Лихтенштајн мора да се победи!

Vecer | 28.03.2021

Само три бода во игра: Овој Лихтенштајн мора да се победи!

Вечерва во 20:45 часот, на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, нашата најдобра фудбалска репрезентација ќе го одигра својот втор меч во групата Ј за пласман на СП во Катар 2022 година. Се среќаваме со селекцијата на Лихтенштајн, вечерва по десети пат и очекуваме девета победа. Ништо повеќе и ништо помалку.

По поразот од Романија на стартот на квалификациите во Букурешт пред три дена, вечерва се освен победа ќе биде рамно на катастрофа за нашите момци. Ако не освојат три бода тогаш уште на стартот, уште во 2.коло, за нив квалификациите ќе бидат завршени.

Токму затоа вечерва мора да се победи по секоја цена, за да и натаму се одржи сонот за пласман на Мундијалот во Катар.

Велиме мора зошто се знае дека за три дена и гостуваме на пресилната Германија во меч од третото коло. Не дека нашите “рисови“ предвреме ги “отпишуваме“, но сепак треба да се биде реален.

Лихтенштајн е наш вечен “пациент“. Освен она реми пред две децении со голот на Михаел Штокласа во 93.минута, Македонија секогаш знаела да го победи својот “пациент“, а знаела и да му “пикне“ единаесет голови како што тоа беше во 1996 година во Ешен, во тој епски меч за нас.

Македонија сега ја гледаат со други очи, таа е учесник на ЕУРО 2020, таа има реноме и не смее да си игра со тоа реноме, мора да се победи вечерва. И не мора да има голеади, само треба да се освојат трите бода. Не смееме премногу да се потрошиме зошто знаеме дека за три дена не чека пекол во Дуисбург.

Без разлика кој и да настапи, кој ќе добие шанса како стартер, мора да се “клаваат“ голови, мора претходно да се креираат шанси. Така се победува аутсајдерот, не смееме да си дозволиме да не фати нервоза, да влеземе во вториот дел или завршницата од мечот без сигурно водство, тоа никако.

Јавноста, но и онаа стручна јавност, верува во оваа генерација, генерација која играла неколку пати против Лихтенштајн и која знаела како треба.

Така нека биде и вечерва.

Со три бода в џеб да летаме кон Дуисбург.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk