logo
logo
logo

Реприза на ланскиот успех: Македонскиот тим „ПСС Рејсинг“ со трофеј ја стартува новата сезона!

Vecer | 10.05.2021

Реприза на ланскиот успех: Македонскиот тим „ПСС Рејсинг“ со трофеј ја стартува новата сезона!

Веста дека Франко Џиролами освои трето место на првенството на Европа за возила со ТЦР технологија, воедно значи дека македонскиот тим по втор пат на отварање на сезоната освојува трофеј во првиот гран при викенд.

Лани неговиот постар брат, афирмираниот победник на трка од свесткото првенство, Нестор Џиролами, во услови кога на Давидовски не му беше дозволен влез во Франција за трката од ТЦР Европа, со неговиот автомобил освои второ на патеката „Пол Рикар“, во близина на Марсеј, на југот од Франција.

Оваа година Давидовски и Франко Џиролами ја најавија соработката за целата сезона, со што македонскиот тим за прв пат ќе има двајца возачи на сите трки и континуирано ќе атакува на високи позиции, што првично даде резултат во првата трка од гран при викендот во Словачка, каде што обајцата освоија бодови за пласманите на 12 и 13 место. Втората трка која се возеше вчера донесе сензација за Франко, но и големи проблеми во автомобилот на Давидовски.

„За мене разочарувањата почнаа уште во квалификациите кога не успеавме во боксот да се организираме да имам уште едно излегување на патеката со нов сет на пневматици. Како што покажа Франко, резултат во „топ 10“ од квалификациите беше возможен, а тоа ќе ме оставеше во игра во текот на викендот. Спротивно од тоа, кога се стартува од 17 место разумно е да се бориш само за бодови и да бидеш задоволен од пласман на 13 место, но – не сме тука за тоа! Во втората трка повторно престигнав неколку возила на стартот, но потоа „заглавив“ зад некои други, по што ми се случи и прегревање, и промена на мапата на моторот во „безбедносен мод“. Дополнително, гумите ми настрадаа некаде три круга пред крајот, па не успеав да стигнам до поени. Овој пат Франко даде 110% и во втората трка откако стартуваше петти. Успеа да престигне некои од ривалите, да одолее на нападите од Гаврилов, а единствено загуби позиција од Микел Аскона чиј што автомобил на оваа патека беше фаворизиран со актуелниот „баланс на перформанси“ (БоП). Драго ми е дека како македонски тим освоивме трофеј на едно европско првенство, но очекувам да ги има уште повеќе“, изјави Виктор Давидовски.

Дека успехот на Франко Џиролами е за почит, говорат фактите: во втората трка победи актуелниот шампион и бранител на тронот, Меди Бенани, додека второто место го освои шампионот од 2018 година (и победник на првата трка викендов), Микел Аскона.

„Ова беше фантастична трка, а јас навистина уживав во целиот гран при викенд. Мошне сум благодарен на „ПСС Рејсинг“ и на „ЈАС Моторспорт“ за нивната поддршка и што ми ја овозможија оваа шанса да го освојам овој фантастичен резултат. Ова ќе не остави во игра за следната трка, која се надевам дека ќе биде уште подобра за нас“, сублимираше Џиролами.

Следниот гран при викенд ќе се случи во последниот викенд овој месец, поточно на 29 и 30 мај, кога се возат двете трки на патеката „Пол Рикар“ во Франција.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk