Расплет во Манчестер, Рома брка гол негатива

" alt=

Вечерва и утре ќе се одиграат последните осмина-финални натпревари во Лигата на шампионите. Вечерва Манчестер Јунајтед ќе ја пречека Севилја, а Рома ќе игра против Шахтјор.

Де Хеа го спаси Манчестер Јунајтед пред две недели на „Санчез Писхуан“. Само поради неговите одбрани Севилја не стекна предност и вечерва пресметката на „Олд Трафорд“ ќе почне од 0:0.

„Црвените ѓаволи“ се набилдани со самодоверба по победата во дербито против Ливерпул (2:1), што не може да се каже за Севилја, која по поразот од Валенсија (0:2) има минорни шанси да стигне до четвртата позиција во шпанската лига.

Проблем за Јунајтед ќе биде неиграњето на Пол Погба, па се очекува со играта на „црвените ѓаволи“ да диригираат Матиќ и Ерера.

„Оставривме важна победа против Ливерпул, самоовербата сега е на високо ниво и мора да продолжиме во овој ритам. Наредниот меч е веројатно најважен во сезоната, мораме да ја победиме Севилја“, рекол Матиќ.

„Веќе го архивиравме поразот од Валенсија, мислите ни се насочени кон овој меч. Дуелот на „Олд Трафорд“ може да биде историски за нас доколку се пласираме во четврт-финалето“, рекол тренерот на Севилја, Винченцо Монтела.

Инаку, менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, победил на седум од осумте натпревари против Севилја во периодот кога го тренираше мадридски Реал.

Рома на „Олимпико“ ќе го пречека Шахтјор. Шампионот на Украина по првиот натпревар има предност од 2:1.

Еден гол може да и биде доволен на Рома за да се пласира меѓу најдобрите осум екипи во Европа. „Волчицата“ покрај со противникот ќе треба да се бори и против традицијата која вели дека Рома има пет пати во низа е елиминирана во нокаут фазата, во Лигата на шампионите.

„Можеби нема да ни ја дефинира сезоната, но дуелот со Шахтјор е исклучително значаен за нас. Мораме да гинеме на теренот и да се обидеме да победиме. Доколку успееме тогаш тоа ќе биде големо остварување за тимот и нашите навивачи“, истакнал фудбалерот на Рома, Алесандро Флоренци.

„Знам дека не очекува тежок меч. Можеме да ветиме дека ќе ја играме нашата игра на „Олимпико“. Доколку го следите украинскиот фудбал знаете што подразбирам под тоа. Сакаме да ја повотриме играта од второто полувреме, кога во целост ја надигравме Рома. Ова е одлична шанса да ги покажеме нашите можности“, рекол еден од Бразилците во Шахтјор, Марлос.

Натпреварите во Манчестер и Рим ќе започнат во 20:45 часот, а во истиот термин утре ќе се одиграат дуелите Барселона-Челси (1:1) и Бешикташ-Баерн Минхен (0:5).

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари