logo
logo
logo

Работнички му го препушти Куп трофејот на МЗТ Скопје

Vecer | 16.05.2021

Работнички му го препушти Куп трофејот на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје е новиот освојувач на Купот на Македонија, кој од оваа година ќе го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски Бушутр. Во финалето „сино-белите“ го совладаа градскиот ривал, Работнички со 77-69 и сосема заслужено се радуваа на 10. пехар во ова натпреварување. Сега двата тима имаат еднаков број на титули во Купот на Македонија.

Победа е заслужена, МЗТ Скопје водеше во текот на целиот меч, на другата страна противникот не се најде во ситуација ниту да израмни.

Доминација на тимот од Аеродром во првата четвртина благодарение на одличната игра во одбраната, која Дарко Радуловиќ добро ја скоцкал. На другата страна Работнички беше далеку од посакуваното ниво. МЗТ Скопје на средината на првата четвртина поведе со 13-5 , пред крајот на истата имаше двоцифрени 23-10.

По највисоките 26-12, „црвено-белите“ со серија од 9-0 намалија на 26-21, но одново застанаа, премногу грешеа, немаше вистинска организација во нападот, на одморот МЗТ замина со позитива од 37-28.

Кошаркарите на Работнички се доближија на 39-35 на стартот на третиот период. Нешто подоцна, МЗТ со серија од 8-0 ги врати двоцифрените 51-39. На голема среќа „црвено-белите“ одговорија со две тројки за 51-45. Во меѓувреме по четири лични направија Бундовиќ, Питс и Караџовски.

Во решавачките десет минути со тројката на Мулаиќ, позитивата на МЗТ Скопје беше стопена на четири поени (55-51).

Со пет поени во низа, аеродромци тргнаа во последниот период (60-51). Работнички постојано го бркаше резултатот, но никако не успеваше да влезе во серија. Покрај ова, Питс го направи најголемиот кикс, заработи техничка грешка (петта лична), откако ја шутна топката. Имаа шанса момците на Мираковски, барем за израмнување, но беа непрецизни од линијата за слободни флрања.

Работнички дојде на фамозните минус четири (67-64), на другата страна Дамјан постигна тројка за 70-64. Се случи хаос во последната минута, техничка грешка заработи тимот од „Градски парк“. Младеновски успеа да намали на 72-68. Мечот влезе во пенал завршница, немаше повеќе време за пресврт.

Дамјан Стојановски со 19 поени беше прв стрелец, три помалку имаше Крстевски, на другата страна Аска имаше 20 поени и 12 скока.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk