КВАЛИФИКАЦИСКИ НАТПРЕВАР ЗА СП 2018 (ГРУПА Г)

Против Италија со играта од Скопје

Четирикратниот светски шампион имаше многу среќа на "Филип Втори#, а фаворитската улога ја оправда дури во 90 минута кога Чиро Имобиле го постави конечниот резултат на натпреварот 3:2

Првиот меѓусебен дуел, кој беше одигран во Скопје, влева дополнителна доза на оптимизам, но фактите и квалитетот јасно покажуваат дека фудбалската репрезентација на Македонија важи за апсолутен аутсајдер кога е во прашање денешната квалификациска пресметка против селекцијата на Италија.

Четрикратниот светски шампион имаше многу среќа на "Филип Втори", а фаворитската улога ја оправда дури во 90 минута кога Чиро Имобиле го постави конечниот резултат на натпреварот 3:2.

Бомбардерот на римскиот калчолигаш Лацио повторно ќе биде најголема опасност пред нашиот гол, а избраниците на Игор Ангеловски ќе дишат малку полесно затоа што поради повреда, пресметката на "Алианс арена" ќе ја прескокне напаѓачот на Торино, Андреа Белоти.

Сосема очекувано, македонските фанови најмногу очекуваат од бомбардерот на италијанскиот второлигаш Палермо, Илија Несторовски кој очекува противникот да биде порелаксиран затоа што Италија има само теоретски шанси да ја освои првата позиција во групата Г.

Имаме квалитет, во последната година одигравме неколку одлични натпревари против силни репрезентации, така што мислам дека и на Италија не им се однапред запишани бодовите од натпреварот во петок. Тие само теоретски можат до првото место во групата и затоа сметам дека растоварени ќе влезат во дуелот. За нас е важно што ќе имаме можност да уживаме во пресметката, среќни сме што играме за репрезентацијата и ќе го дадеме максимумот. Не одиме на прошетка, туку да се обидеме да оствариме позитивен резултат, изјави Несторовски.

Предводникот на нашиот национален тим додаде дека неговите избраници веќе докажале дека можат да се носат и со далеку поквалитетниот противник.

Знаеме каде гостуваме, но моите фудбалери покажаа дека можат да се носат со силни противници. Сите знаеме која е Италија, четирикратен светски првак, тактички се одлични, впрочем, од нив потекнува и добриот тактички фудбал. Тие се мајстори. Мора да дадеме максимум и да одиграме најдобро што знаеме, изјави Ангеловски.

Квалификацискиот дуел помеѓу репрезентациите на Италија и Македонија ќе стартува во 20:45 часот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари