НАШИТЕ КОШАРКАРИ ВО СТРАНСТВО

Перо не ги разбуди академците

Големото кошаркарска дерби во Бугарија мина во знакот на Левски кој славеше убедлива победа во дуелот со избраниците на нашиот ексселектор Јовица Арсиќ од Лукоил Академик (101:86). Чековски беше во стартната петорка на Левски, но имаше скромна реализација (7 поени) и скокови (4). На спротивната страна немаше кој да го следи мотивираниот Перо Антиќ кој за 32 минути постигна 28 кошеви (3-2 за тројка), имаше и осум скокови. Неговиот клупски другар Ристе Стефанов делуваше отсутно, немаше свој ден. За 25 минути игра реализира само 4 поени, имаше и еден скок.

Во 15. коло треба да го одбележиме дебито на Јане Петровски во дресот на Рилски спортист (тренер Александар Тодоров) на мечот со Спартак (88:72). Играше 16,9 минути, постигна пет кошеви и заработи пет лични грешки.
Златко Гоцевски беше предводник во екипата на Јамбол која на гости славеше против Черноморец (70:87). Златко за 28,30 минути реализира 21 поен (12-9 за двојка) имаше и 4 скокови.

Димитар Мираковски имаше најлошо издание откако дојде во редовите на Черно Море. Неговиот нов клуб дома загуби од Балкан (86:93) , а Мираковски за 33,58 минути минати на паркетот постигна само 3 кошеви (11-1 за два и 8-1 за три) имаше и 7 асистенции.
Кај нашиот јужен сосед Грција на програмата беше некомплетното 15 коло во кое Арис славеше во дуелот со ПАОК (Тодор Гечевски за 18,47 минути постигна 4 кошеви и имаше 5 скокови ) - 69:59.

Кошарка се играше и во НЛБ лигата. Тимот на Влатко Илиевски, Олимпија загуби на гости од Раднички со 74:70, а нашиот интернационалец кој беше стартер за 26 минути постигна 16 кошеви имаше и 5 асистенции. Предраг Самарџиски во дресот на ФМП (8 кошеви и 5 скокови за 23,45 минути игра) не беше многу забележителен, иако неговиот тим победи со 81:75.

Поврзани

Најнови вести

Коментари