logo
logo
logo

Пандев пред ЕУРО: Јас сум оптимист, ова е најдобрата репрезентација што ја имала Македонија

Vecer | 07.06.2021

Пандев пред ЕУРО: Јас сум оптимист, ова е најдобрата репрезентација што ја имала Македонија

Точно две децении откако првпат се појави во македонскиот дрес како сениорски репрезентативец, на натпреварот Турција – Македонија (3-3, 6 јуни 2001), капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев ја прослави 20-годишнината со дружба со своите фанови и со сите љубители на македонскиот фудбал. Во тоа му помогна Видеолотарија Касинос Австрија, преку фан-страницата на 2win, тој се вклучи во „Live chat“ и, речиси, половина час одговараше на прашања, поставуваше прашања и се забавуваше заедно со своите фанови и со нашите играчи.

Со оглед на тоа дека сме на прагот на историското Европско првенство, многу од прашањата беа на таа тема, за шансите на Македонија, за тоа какви резултати очекува Пандев против Австрија, Украина и против Холандија.

„Нашата група е навистина тешка. Имаме со Австрија лошо искуство, но се надеваме на едно добро Европско првенство, имаме одлична атмосфера и се надеваме со малку среќа да ја поминеме групата. Мислам дека и ова што досега го направивме за нас е еден голем успех. Сега треба да уживаме, да бидеме релаксирани, но на натпреварите да влегуваме со максимум. Така и ќе биде. Мислам дека можеме да направиме добар резултат. Не треба да се залетуваме, да бидеме внимателни, да ја играме нашата игра од последните натпревари и ќе видиме. Дај боже да ги добиеме сите натпревари. Јас сум оптимист и секој натпревар одиме на победа. Знаеме дека сме дебитанти, дека сите нè сметаат за аутсајдери и затоа може да изненадиме“, одговори Пандев.

Тој не штедеше пофални зборови за неговите соиграчи и за целата репрезентација на Македонија. Имајќи предвид дека точно пред 20 години стана дел од неа, најкомпетентен е да каже каква е оваа репрезентација, во споредба со некои од минатото.

„Ова е за мене најдобрата репрезентација, што ја имала Македонија. Јас сум веќе 20 години овде, мислам дека оваа генерација и овој селектор се најдобрите, тоа го покажуваат и резултатите. Момците играат во добри лиги, во добри клубови, менталитетот го променивме, сега веќе не е тој балканскиот, гледаме дека и со послабите репрезентации влегуваме сто проценти и лесно ги добиваме. Порано игравме добро со Англија и со Холандија, а губевме од Андора. Мислам дека на оваа генерација ѝ се нема тоа случено“, одговори капитенот.

Ќе наполни 38 години на 27 јули и неговата кариера е пред крај. Успеа да ја круниса со пласман и наскоро настап на едно Европско првенство, а за потоа, вели дека најверојатно ќе се збогува со активно играње фудбал.

„Дај боже ние да го освоиме Европското првенство, па после јас може да одам во пензија. Хахаха, се шегувам. Не знам, мислам дека после Европското ќе заминам во пензија. Меѓутоа сега најважно е да се подготвиме добро, да поминат добро трите натпревари, па ќе видиме понатаму“, истакна Пандев.

Во тие 119 натпревари низ две децении има постигнато 37 гола, но еден од нив му е најдраг.

„Сигурно дека натпреварот против Грузија во репрезентативниот дрес е натпревар кој вечно ќе остане во моето сеќавање и ќе го паметам доживотно. Со мојот гол го добивме овој натпревар и желбата моја и на цела Македонија беше остварена, се пласиравме на Европско првенство и затоа ќе ми остане во вечно сеќавање и тој натпревар и тој гол како најдраги“, се изјасни капитенот.

Зборуваше на уште многу теми, за своите клупски настапи, за трофејните денови од Интер, за омилените соиграчи од досегашната кариера. Кажа и дека од сите врвни репрезентации досега му недостасува уште натпревар против Франција, актуелниот светски првак, а навивачите му посакаа да игра сега на Еуро 2020 и тоа финале против Французите.

Ние посакуваме сите убави желби да се остварат, а Горан Пандев да ја заврши својата кариера со сензационален настап на Европското првенство. Тој е идол и пример за илјадници, а Видеолотарија Касинос Австрија е горда што го има за свое заштитно лице.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk