РАЗИГРУВАЊЕ ЗА ТИТУЛАТА - ЧЕТВРТФИНАЛЕ

Охриѓани се удавија дома

Амак СП загуби од МЗТ Скопје и сега тешко ќе може да се извади на патот до полуфиналето

Првите четвртфинални средби од разигрувањето за титулата донесоа половичен успех за домашните екипи. Амак СП, најпријатното изненадување во регуларниот дел на Првата кошаркарска лига, се лизна дома, пред своите гледачи, во дуелот со МЗТ Скопје - 86:90 ( 14:25, 25:19, 13:21, 34:25) и сега е пред голем, тежок, испит бидејќи реваншот се игра во Скопје (22 април). Ако го загуби и овој меч (четвртфиналето се игра во серија подобар од два) за охриѓани предвреме ќе заврши сезоната, иако луѓето од клупот, играчите и стручниот штаб веруваа дека екипата може да стигне многу подалеку, притоа имајќи го предвид третото освоено место во регуларниот дел на лигата.

Скопјани максимално го искористија поголемото искуство, постојано водеа и на крајот стигнаа до победата. Најголемата предност ја имаа кон крајот на третиот период, кога водеа со 52:65, по тројката на капитенот Петровски. Во финишот охриѓани се заканија, на 34 секунди до крајот стигнаа до 82:84, но Фрај направи почетничка грешка, згреши, а веднаш потоа беа направени направени два фаула над Тачи, кој не "трепна" од линијата за слободни фрлања и му ја донесе победата на својот тим. Охриѓани со право имаа многу забелешки на арбитражата на судиите, посочувајќи ги како главни виновници за поразот.

- Вакво судење не заслужија нашите играчи кои претежно се млади, а згора на се играа под голем притисок, бидејќи мораа да го добијат овој меч. Имавме шанса да триумфираме, меѓутоа судиите ни ја скусија радоста, вели тренерот на Амак СП, Игор Гацов.

Кај охриѓани најефикасни беа Фрај (28) и В.Стојановски (25), а кај МЗТ Скопје Тачи (30), Петровски (21) и Агоч (14).

Во вториот четвртфинален натпревар Ф.Работнички во својата сала славеше против С.Пелистер со 84:74 (21:22, 13:11, 24:19, 26:22). Битолчани добро го отворија натпреварот, во 4. минута водеа со 5:14, меѓутоа како одминуваше времето беше јасно дека тренерот на битолчани Благој Печалов нема поголем избор на квалитетни играчи. Оние што настапија не можеа да го издржат темпото кое го наметнаа. Клучна личност за резултатскиот пресврт беше Мираковски, кој во првото полувреме постигна само 3, додека во второто дури 30 кошеви (во периодот 34-35 минута направи серија од 9:0 за недостижни 72:60). За одбележување е дека и битолчани можеа да сторат нешто повеќе, меѓутоа, во одредени фази не беа доволно дисциплинирани, ги зафати паника, за што впрочем зборуваат и трите досудени технички грешки од кои две на играчите Станковиќ (незаслужено) и Пејановиќ и една на тренерот Печалов.

- Имајќи предвид во какви услови работевме во изминатиот период и овој резултат е добар, иако можевме да сториме нешто повеќе, вели тренерот на С.Пелистер, Благој Печалов.

Тренерот на Ф.Работнички, Марин Докузовски не го криеше задоволството од триумфот, иако имаше одредени забелешки, посебно на играта во првото полувреме.
- Самите сме виновни што му дадовме на противникот доволно простор и време да игра и во најголемиот дел од првото полувреме да води. Ситуацијата се измени во второто полувреме и кога се ќе се собере нема причина да бидам незадоволен од победата, нагласува Докузовски.

Во победничкиот тим Мираковски постигна 33, Симиќ 16, а Зивчевиќ 13 кошеви, додека кај битолчани најефикасни беа Миљковиќ (19), Талевски (16), Станковиќ (15) и Пејановиќ (10).

Славчо ТРОШАНОВСКИ
Сузана ВРЕНЦОСКА
Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари