Во пресрет на вечерашниот дуел меѓу Романија и Македонија, во рамките на 1.коло од квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022, малку да се навратиме на историја, на бројките, на тоа кој е кој во фудбалот. Барем што се однесува до иконите на фудбалот во двете земји.

Романците ги имаа Георге Хаџи и Адриан Муту. Две фудбалски легенди на кои посебно им се горди. А ние го имаме Горан Пандев, кој за разлика од Хаџи и Муту, се уште блеска во националниот дрес и покрај своите 37 години.

А кога сме кај бројките, односно кога сме кај головите, тогаш ниту Хаџи, ниту Муту, туку само ГОРАН ПАНДЕВ.

Хаџи кој има далечно потекло од Македонија, одигра 124 меча (1983-2000) за својата селекција и постигна 35 голови.

Адриан Муту за Романија настапи на 77 натпревари (2000-2013) и постигна исто 35 голови. Тие двајца се рекордери кога станува збор за листата на стрелците во селекцијата на Романија.

И сега доаѓаме до нашиот Пандев, до нашата икона. Струмичанецот е подобар во овој сегмент од Хаџи и Муту. Тој на 114 средби за Македонија постигна 36 голови, а има шанси овој скор и тоа како да го поправи.

Можеби уште вечерва, среде Букурешт, токму против Романија.

Па, нека биде така. Зошто да не?

 

sportmedia.mk