Интер со победата над Аталанта од 3:2 на коло пред крајот на сезоната во Италија и математички обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на шампионите за следната сезона.
„Нероаѕурите“ на домашен терен одиграа добар меч во кој гостите на самиот крај внесоа мала неизвесност. Аталанта остана без можност за настап во најелитното клупско натпреварување и сега се најблиску до Лигата на Европа.
Ромелу Лукаку за само 40 секунди постигна гол за водство од 1:0 на самиот почеток на мечот, а во 3. минута Нико Барела зголеми на 2:0.
Гостите од Бергамо преку Маријо Пашалиќ во 36. минута стигнаа до 2:1, а во продолжението од мечот три бода за Интер му обезбеди Лаутаро Мартинез. Дури во судиското продолжение Муриел постигна одличен гол за конечни 3:2.