Некои тенисерки се комедија

Немаат помирисано грен-слем титула, а се искачија на врвот на ВТА-листата

Откако романската тенисерка Симона Халеп се искачи на првото место на ВТА листата, постојано се вртат интересни детали кога во прашање се дамите во белиот спорт. Имено таа стана седмата тенисерка во историјата која изби на врвот без освоен грен-слем трофеј.

Романката два пати беше близу да се закити со една од титулите од четирите најдобри турнири, но на Ролан Гарос во 2014 година загуби во три сета од Русинката Марија Шарапова, додека оваа сезона на истиот турнир претрпе пораз од Јелена Остапенко, иако имаше освоен сет и 3:0 во своја полза. Халеп играше и двапати полуфинале, но беше далеку од титулата, а тоа не им успеа ниту на четири од претходните шест тенисерки кои до тронот дојдоа без грен-слем титула.

Две Каролини имаат се уште шанса за тоа – Плишкова моментно е четврта во светот, играше финале на САД Опен минатата година и полуфинале на Ролан Гарос, додека Вознијацки два пати беше во финалето во Њујорк (2009, 2014) и моментно е шеста на ВТА-листата.

Од претходните шест најдобри тенисерки без грен-слем, две освоија грен слем титула откако дојдоа на првото место на светската листа. Тоа го направија Ким Клајстерс, која на Австралија опен во 2011 и САД Опен во 2005, 2009, 2010 година дојде до круната, како и Амели Морезмо откако славеше на турнирот во Мелбурн и Вимблдон во 2006 година.

Меѓу овие тенисерки единствено останува Динара Сафина, која беше финалистка на Ролан Гарос во 2008 и 2009 година, но се повлече од тениските терени и сигурно нема да го оствари својот сон. Својата кариера ја завршија и Клајстерс и Морезмо и моментно се тренери на млади тениски таленти. Французинката своевремено беше тренер и на Британецот Енди Мареј.

Поврзани

Најнови вести

Коментари