logo
logo
logo

Не само ПАНДЕВ, денес и МРМЕ последен пат во репрезентативниот дрес

Vecer | 21.06.2021

Не само ПАНДЕВ, денес и МРМЕ последен пат во репрезентативниот дрес

Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток во 18 часот, во Амстредам го игра третиот натпревар од Европското првенство. Овој натпревар ќе остане запишан во историјата на македонскиот фудбал, зашто ќе биде последниот на кој репрезентативниот дрес се нашол на градите на Горан Пандев, кој најави збогување со репрезентацијата.

По две децении од дебито за националниот тим, Пандев зад своето име запиша рекордни 121 настап за репрезентацијата, а се простува и како најдобар стрелец во црвено-жолтиот дрес со 38 голови. Во сеќавање ќе останат победоносниот гол во баражот против Грузија (1:0) со кој македонската репрезентација го обезбеди историскиот пласман на Европското првенство. Тука е и голот против Австрија на 13 јуни, што беше првиот македонски гол на едно големо натпреварување, при што Пандев стана втор највозрасен стрелец во историјата на Европските првенства, со 37 години и 321 ден.

- Ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на фудбалот во Македонија и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Среќен сум што се повлекувам на овој начин. Можам да кажам дека подобро збогување од дресот на Македонија на Европско првенство и не можев да посакам. Има емоции, но знам како да се носам со нив, изјави Пандев на официјалната прес-конференција во пресрет на денешниот дуел.

Заминување од репрезентацијата најави и селекторот Игор Ангеловски, кому му завршува договорот со ФФМ.

- Договорот ми завршува, јас можам само да кажам благодарам на човекот што седи до мене (Горан Пандев), најдобриот фудбалер во историјата на македонскиот фудбал. Среќен сум што работев со таов човек и капитен. Знаеме каде бевме пред пет и пол години, на 162 место на ФИФА, а каде ја донесовме Македонија – на Европско, второ место во квалификациите за СП. Тоа доволно говори за се што направивме. Максимално посветно до последен ден ќе го одработам договорот, а не сакам ништо да зборувам за иднината, изјави Ангеловски.

Дуелот против Холандија се игра на Амстердам арената со почеток од 18 часот. Во овој дуел нашите фудбалери влегуваат без можност да се борат за пласман во осминафиналето, но останува желбата за бодови и што подобро испраќање на Пандев и Ангеловски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk