ПРОМЕНИ НА КЛУПАТА НА МЗТ СКОПЈЕ

Навивачите го сменија Петровиќ и го донесоа Јоловиќ

Се очекува на стручниот штаб да му помага и Петар Наумоски, а тимот ќе се засили и со центарот Пуповац и еден американски плејмејкер

Александар Петровиќ повеќе не е тренер на екипата на МЗТ Скопје. Раководството на "штрковите" се одлучи на овој потег откако и навивачите на клубот побараа заминување на Петровиќ од местото шеф на стручниот штаб на овој тим. Будимир Јововиќ ќе го наследи Петровиќ и ќе го води тимот уште в сабота во последното коло од регуларниот дел од првенството против тимот на Торус.

Јоловиќ, покрај богатата играчка кариера во неколку наши клубови, меѓу кои и МЗТ Скопјр, кратко време беше и тренер на екипите на Црн Дрим и Амак - СП.
- Се работи за спогодбен договор според кој Александар Петровиќ повеќе нема да ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на МЗТ Скопје. Екипата ќе продолжи да работи со Будимир Јоловиќ и тоа во координација со Петар Наумоски, кој наредниве денови очекуваме да се врати во Скопје, изјави претседателот на МЗТ Скопје, Сашо Босилков.

МЗТ Скопје моментално се наоѓа на второто место од првенствената табела со скор од 14 победи и само три порази. Се очекува редовите на МЗТ Скопје да бидат засилени со српскиот центар Милан Пуповиќ (210 см) како и еден Американец кој би играл на плејмејкерската позиција. Претстојниов викенд завршува последното коло од регуларниот дел од сезоната по што најдобрите шест екипи во првенстото ќе продолжат да се натпреваруваат во Супер лигата, која стартува на 26 февруари.

Бојан ХРИСТОВСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари