logo
logo
logo

На 32 години дебитираше за Шпанија и за две минути постигна два гола!

Vecer | 26.03.2023

На 32 години дебитираше за Шпанија и за две минути постигна два гола!

Шпанија ја победи Норвешка со 3:0 во првото коло од квалификациите за Европското првенство во групата А. Дани Олмо и донесе водство на Шпанија во 13. минута, а во 84. и 85. минута Хоселу постигна два гола.

Тој беше херој не мечот. Станува збор за 32-годишник кој настапува за Еспањол и на кого ова му беше прв натпревар за репрезентацијата.

Тој во игра влезе во 81. минута, на местото на Алваро Мората во врвот на нападот. Во 84. минута погоди со глава по центаршутот на Руиз од левата страна. Една минута подоцна топката од блокот се одби до Хоселу, чиј удар Норвежаните не успеаја да го спречат и со тоа стана двоен стрелец во репрезентативното деби.

Кариерата ја започна во Селта Виго, во 2009 година замина во вториот тим на Реал Мадрид. Хофенхајм го доведе во 2012 година за шест милиони евра, а потоа го позајми на Ајнтрахт Франкфурт. Тој во 2014 година беше префрлен во Хановер за пет милиони евра, а веќе следната сезона беше купен од Стоук Сити за осум милиони евра.

Ниту таму не се задржа долго, бидејќи Стоук го испрати на позајмица во Депортиво Ла Коруња, каде беше во сезоната 2016/2017. Њукасл му плати 5,5 милиони евра во 2017 година пред да потпише за Алавес во 2019 година и таму беше до 2022 година. Денес тој е играч на Еспањол.

Сезонава на 27 настапи постигна 13 гола со четири асистенции. По ова тренерот Де Ла Фуенте го повика во репрезентацијата, а тој му возврати со два гола. Вкупно во текот на кариерата забележа 154 настапи во Ла Лига, во кои 54 пати беше стрелец.

„Марка“ го спореди Хоселу со Ерлинг Халанд, напаѓачот на Манчестер Сити кој поради повреда не играше за Норвешка и истакна дека „Светското првенство во Катар го гледал на телевизија“. Спорт, од друга страна, пишува:

„Хоселу има 32 години, но благословен е со дарбата за постигнување голови. Секако и годините играат улога, но тој ја потврди теоријата дека невозможното може да се побие. Постигна два гола во неколку минути во своето деби“.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk