Предводникот на „металците“ го резимираше поразот

МЗТ Скопје одигра како полупрофесионален тим против Задар

Имаме 20 загубени топки, што е ниво на полупрофесионален тим. Според мене не е проблем, станува збор за најпросто уфрлање, на паузата договоривме Бојан да биде тој изведувач, но тој веднаш направи две лични грешки, мораше да влезе Џенсен и од таму почна хаосот, изјави Тодоров

Предводникот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, имаше причини за незадоволство по вториот пораз во третото коло во Регионалната АБА лига, овојпат на домашен терен од Задар со 85:80.

Хрватскиот состав важи за еден од најслабите во АБА лигата и оваа сезона, па јасно е дека овој меч е тотален неуспех за тимот на „металците“, што може да се забележи дека ќе имаат и тоа како напорна сезона во борбата за опстанок во јадранската лига.  

Ова е тежок пораз за нас, бидејќи екипата на Задар ни е директен конкурент за тоа што го планиравме, односно место меѓу најдобрите осум. Ова е натпревар што требаше да го добиеме. Кажав и после Партизан, дека имаме долга сезона и дека тоа што беше со Партизан беше убаво, но ќе биде тешко да се повторува секој меч. Тешко е кога ќе го победиш Партизан, па ќе загубиш од ривал како Задар. Пред нас се дуелите со Игокеа и со Цибона, на тие два меча мораме да бараме најмалку една победа, тоа е нешто што мораме да го оствариме бидејќи во спротивно би се нашле во незавидна ситуација. изјави Тодоров.

Тој се осврна и на проблемот со загубените топки, дури 20 на МЗТ Скопје на оваа средба, од кои дел со почетнички грешки при уфрлање од аут или од под сопствениот кош.

Секогаш имаме проблем кога противникот ни игра агресивно и премногу лесно ги губиме тие топки. Имаме 20 загубени топки, што е ниво на полупрофесионален тим. Според мене не е проблем, станува збор за најпросто уфрлање, на паузата договоривме Бојан да биде тој изведувач, но тој веднаш направи две лични грешки, мораше да влезе Џенсен и од таму почна хаосот. Очигледно е дека на секој натпревар увидуваме некоја нова глупост што сме способни да ја направиме, па сега ќе работиме да ја отстраниме, разочаран беше Александар Тодоров.

Поврзани

Најнови вести

Коментари