logo
logo
logo

МЗТ Скопје Аеродром: Ова не е хумано, за осум дена одигравме шест натпревари

Vecer | 25.05.2021

МЗТ Скопје Аеродром: Ова не е хумано, за осум дена одигравме шест натпревари

Тимот на МЗТ Скопје Аеродром денеска излезе со соопштение во кое директно упатува критики кон распоредот односно начинот на кој беа одиригани последните мечеви од домашниот шампионат. Причина за тоа е пред се згуснатиот распоред, и како истиот влијаеше на многуте повреди кои се појави како резултат на шесте одиграни мечеви во само осум дена.

„Настапот во Купот на Македонија на секојдневно ниво и потоа играње три меча од четвртфиналето во пет дена без позначаен одмор, односно вкупно шест натпревари во осум дена дефинитивно може да се протолкува како – нехуман третман по здравјето на кошаркарите и пеколен ритам каков што нема ниту во НБА.

Ова не е проблем само на нашиот клуб, туку и на останатите елитни тимови кои ќе ја продолжат битката за титулата, а чии играчи исто така се подложни на пеколен период, кој сигурно може да им ја загрози дури и нивната кариера. Данокот на наметнатиот нехуман ритам полека почнува да се плаќа, па на нашиот последен меч против Куманово дури тројца кошаркари (по)сериозно се повредија. На Бојан Крстевски му настрада коленото, на Дамјан Стојановски мускулот на ногата, а на Иван Карачиќ задната ложа. Повредите на тројцата не се идентични, ама имаат заеднички содржател – преголемиот замор, оценет од лекарските стручњаци кои ги прегледуваа, а на кои не им се веруваше низ какви напори биле приморани да минат во изминативе денови.

МЗТ Скопје Аеродром го надмина проблемот со пеколниот ритам во Купот, каде што имавме само 18 часа за рекуперација меѓу првите две рунди, со освојување на трофејот. Секако дека ќе сториме сѐ што е во наша моќ, па дури и натчовечки напори, за да го повториме успехот во првенството. Но, истовремено бараме КФМ барем малку да ги заштити играчите, првенствено од човечки принципи, но и од интерес за македонската кошарка, бидејќи речиси сите останати домашни играчи се актуелни или потенцијални репрезентативци. Секоја нивна, евентуална односно „не дај боже“ повреда, ќе биде проблематична за настапот на Македонија во претквалификациите за СП 2023, кои се играат веќе во август. Војдан Стојановски сигурно ќе го немаме, а зарем треба да останеме без уште некој носител, само поради желбата да се заврши некој ден порано, а што носи опасно доигрување на плејофот преку средби во секој втор ден.

Затоа, најкорисно за кошаркари, клубовите, но пред сѐ националниот тим, е КФМ да направи измени на календарот за доигрување на плејофот и да го врати претходниот систем на играње два меча неделно (среда-сабота). Со тоа би се намалил нехуманиот ритам за играчите, што секако ќе го намали ризикот од повреди, а дефинитивно ќе го крене квалитетот на натпреварите.

Во спротивно, вестите за здравствени проблеми какви што во моментов имаат двајца македонски репрезентативци (Крстевски и Д. Стојановски) ќе бидат многу почести и ќе донесат поголеми главоболки за новиот селектор Драган Бајиќ“ – се вели во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром. 


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk