logo
logo
logo

Мирсад Јонуз: Момци, главата горе, нема потреба од разочарување!

Vecer | 21.06.2021

Мирсад Јонуз: Момци, главата горе, нема потреба од разочарување!

Мирсад Јонуз, екс селекторот и еден од нашите најпознати тренери, инаку стручен коментатор на Спортмедиа за ова ЕУРО, даде свое видување за мечот со Холандија во кој загубивме со 0:3.

Па, искрено ова мене ми личеше на пријателски натпревар, посебно од страна на Холанѓаните. Тие сакаа само да го одработат, да ја набилдаат победничката атмосфера, да не се потрошат премногу и во тоа успеаја. Сепак се виде дека и таквата Холандија е пресилна за нас. Инаку ние добро го почнавме мечот, мене ми се допадна нашата поставеност во таа 4-2-3-1 формација, ова не беше лошо. Добро почнавме како што реков, имавме шанси, имаа и тие, но се случи тој гол после ВАР, не сакам да коментирам судењето. Се држевме упште малку и тоа беше тоа, потоа ни падна целата концепција во вода“ започна Јонуз.

ИМ ДАДОВМЕ 70 МЕТРИ БРИШАН ПРОСТОР

Инаку Јонуз не е задоволен од тоа како се покриваше нашиот простор, барем средината на теренот.

Па, да. Секој што го гледаше мечот убаво забележа дека им дадовме бришан простор, чист простор на Холанѓаните од цели 70 метри меѓу нашата одбрана и нашиот напад, и тие тоа убаво го користеа. И тие не покриваа којзнае како, но ние тоа не го искористивме. Да, имавме шанси, имавме и втор поништен гол во вториот дел, но резултатот на крај беше 3:0. А малку недостигаше да забележиме уште повисок пораз, ајде да не кажам катастрофа. Холандија убаво на крајот си го заврши мечот, додека ние и на овој трет меч на ова ЕУРО, останавме со празни раце“.

ПАНДЕВ СИ ЗАМИНА, СЕГА Е ПОТРЕБЕН НОВ ЛИДЕР

И тој се осврна на простувањето на Горан Пандев.

Штета што не успеавме да дојдеме до подобар резултат на простувањето на Горан Пандев. Сега ќе мораме да бараме некој нов лидер. Нели тоа требаше да биде Елмас, но тој на сите три меча не покажа ништо. Премногу солираше, негативно сум изненаден, а јас во најавата за ова ЕП кажав дека токму тоа играчи кои немаа поголема минутажа во своите клубови на ова ЕП треба да одиграат најдобро, зошто се свежи.

Сакам на крајот да им порачам на момците дека не треба да има разочарување. Ова што тие го направија, што се пласираа на ЕП, што ја претставуваа Македонија е голема работа, затоа главата горе момци. Самиот пласман за вас е голем успех, сепак се надевав дека ќе освоиме барем бод. Но сепак се виде дека тие се нашите квалитети, треба работа, многу работа, и јас се надевам дека во блиска иднина одново ќе успееме да се пласираме на едно големо натпреварување. Зошто да не и на СП во Катар“ заврши Јонуз.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk