logo
logo
logo

Миркуловски: Националниот дрес е светост, веднаш ја прифатив поканата на Кире

Vecer | 19.02.2021

Миркуловски: Националниот дрес е светост, веднаш ја прифатив поканата на Кире

Подготви: Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација во иднина ќе има нов лик, со многу новитети, пред се во стручниот штаб, но и составот.

Новиот селектор, Кирил Лазаров за свои помошници ги зема некогашните соиграчи од репрезентацијата. Филип Миркуловски по пауза од три години се враќа во составот. Ќе биде како играч, но и како помошник. Покрај него, Лазаров за соработници ги зема Бранислав Ангеловски, Аце Јоноски и Билјана Црвенкоска.

Легендата врати легенда во националниот тим. Миркуловски, секогаш ја давал последниот атом сила за „црвено-жолтиот“ дрес, иднината на мак-ракометот ќе има што да научи од него.

Во разговор за СПОРТМЕДИА откри дека ни малку не се двоумел на поканата на Кирил Лазаров.

„Националниот дрес секогаш бил свет за мене, со задоволство играв за Македонија. Не се двоумев на поканата на Кире, веднаш ја прифатив. Ќе бидам во стручниот штаб, а доколку има потреба ќе помогнам на теренот, се надевам дека нема да има голема потреба од тоа“, ни изјави Миркуловски.

Првична цел ќе биде враќање на самодовербата и атмосферата која со години го „китеше“ овој тим.

„Наша цел ќе биде да ја подигнеме атмосферата во тимот, да се создаде добра хемија, секој кој што ќе дојде тие седум или повеќе дена да биде максимално фокусирани. По Светското првенство мора да се врати самодовербата кај играчите. Ќе биде тешко, мора и самите да вложуваат со себе, да веруваат во она што работат. Ќе имаат поддршка од нас, ќе знаат што треба да работат и за време на клупските обврски“.

Миркуловски како дел од младите ракометари кои се најдоа на списокот ги минал периодот на транзиција, очекува дека новиот стручен штаб ќе биде голем мотив за нив. Посакува своето долгогодишно искуство да го пренесе на вистински начин.

„Секогаш е задоволство да работиш со некогашни репрезентативци. Лично мене голем идол ми беше Пепи Манасков, беше големо задоволство да соработувам како играч, а потоа кратко време и како дел од стручниот тим на репрезентацијата. Младите има што да научат, наша задача е да им го пренесеме искуството на најдобар можен начин, како што реков да се создаде таа позитивна атмосфера“.

Прво деби во овој состав е против Данска. Актуелниот светски првак на 11. овој месец доаѓа во Скопје, а три дена подоцна, Македонија е гостин.

„Данска е актуелен светски првак, добро знаеме за каков противник станува збор. Нема предавање, играме на домашен терен каде многу пати паѓале звучни имиња и на клупски и на репрезентативен план. Овој пат ќе биде тешко бидејќи играме без публика, но ќе ја бараме нашата шанса. Ќе се обидеме технички и тактички добро да се подготвиме.

По двомечот со Данска не чекаат уште два меча против Финска и Швајцарија. Мора да бидеме добро подготвени, Швајцарија игра добар ракомет, ги победивме на гости, но ќе мора да бидеме внимателни дома. Верувам дека ќе успееме и ќе го продолжиме позитивниот тренд на учества на големите натпреварувања“.

Миркуловски вели дека добро се снаоѓа и како тренер и како играч.

„Мислам дека овој начин на влегување во тренерските „води“ е подобар, отколку тоа да биде нагло, веднаш по завршување на кариерата“.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk