logo
logo
logo

Милевски: Со нетрпение чекам да почнам со работа, Пандев ќе недостасува!

Vecer | 05.08.2021

Милевски: Со нетрпение чекам да почнам со работа, Пандев ќе недостасува!

Официјално, ФФМ го промовираше Благоја Милевски на селекторското место на „А“ националниот тим. Денеска на официјална прес-конференција, Милевски кажа дека со нетрпение го чека стартот на работата со сениорскиот национален тим.

„Благодарност до сите, до ФФМ и до претседателот за укажаната доверба. Верувам максимална ангажираност. Нетрпеливо чекам да почне соработката со многу познати лица од минатото и искрено сум позитивно возбуден“, истакна Милевски.

НЕ ТРЕБА ДА СЕ ВОДИМЕ САМО ОД ПОБЕДАТА НАД ГЕРМАНИЈА

Околу моменталниот квалификациски циклус, Милевски рече дека посакува да бидеме конкурентни до крајот на квалификациите, и дека не треба да се водиме само од победата над Германија.

„Она што следува за престојниот циклус е да останеме конкурентни до крајот. Не случајно бевме на ЕП од аспект затоа што реалната слика како треба да изгледаме е онака како што изгледавме таму. Репер треба да ни бидат тие мечеви за да може да напредуваме. Не треба да се водиме само од победата над Германија. Таа победа нема ништо да значи ако не сме на нивото на секој меч. Ќе се обидеме да го искористиме потенцијалот со кој располагаме“, потенцираше Милевски.

КОЈ ЌЕ БИДЕ ПОВИКАН, ЗАВИСИ ОД САМИТЕ ИГРАЧИ

Новиот селектор околу играчкиот кадар, кажа дека сите работи ќе зависат од играчите.

„Ова не е мој приватен тим, ниту на мојот претходник. Ова е тим на Македонија. Кој ќе биде повикан, зависи од самите играчи. Дел немаат тим и тоа е проблем. Измени ќе има поради тоа што Пандев, Тричковски и Велкоски најавија дека се повлекуваат. Благодарност до нив и до мојот претходник за се што имаат направено“, рече Милевски.

Тој додаде дека очекува репрезентацијата да функционира како тим, и сите кои се ангажирани во репрезентацијата мора да бидат во функција на тимот.

ДА ЈА ПОТПОЛНИМЕ ДУПКАТА КОЈА ЌЕ ЈА ОСТАВИ ПАНДЕВ

Новиот предводник ја коментираше одлуката на Горан Пандев да се повлече…

„Пандев ја донесе својата одлука и сега сите ние вклучувајќи ги и фудбалерите мора да се посветиме максимално за да се потполни таа дупка која несомнено ќе се направи во тимот. Горан ќе недостасува, но треба да покажеме дека сме кадарни да го надополниме неговото одсуство. Со квалитет, со тактичка дисциплина, со се. Дали ќе успееме, ќе покажат мечевите“.

ОСТВАРЕНА СРЕДБА СО ЈАХОВИЌ, ЧОЛАКОВСКИ МОРА ДА СЕ ДОКАЖЕ

Селекторот призна дека е остварена средба со Адис Јаховиќ за негов „кам-бек“ во националниот тим.

„Со Адис Јаховиќ е остварена средба и тој изрази желба да биде дел од репрезентацијата. Но не само со него, туку сме во комуникација со сите потенцијални репрезентативци. Од таа гледна точка, мора да си на ниво во клубот за да бидеш на ниво и во репрезентацијата. Не гледам начин да се повикува играч кој со месеци не играл. “, кажа Милевски.

Новиот селектор со коментар и околу Стефан Чолаковски.

„Чолаковски од Австралија е контактиран. Сакаше да дојде и на кампот на У-21, меѓутоа поради мерките во Австралија, тоа не беше можно. Истото важи и за него, мора да покаже дека е капацитет за репрезентација“, вели Милевски. 

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk